Цените на нафтата се стабилизираа близу до нивото од 89 долари во понеделникот, поддржани од проценките дека водечките производители ќе продолжат да ја ограничуваат понудата, а американската централна банка ќе и помогне на побарувачката со запирање на зголемувањата на каматните стапки.
На лондонскиот пазар цената на барелот вчера беше речиси непроменета во однос на затворањето на крајот на минатата недела и изнесуваше 88,60 долари. Минатиот петок го затвори тргувањето во плус од 1,66 долари.
Американскиот пазар во понеделник беше затворен поради празникот, а во електронската трговија цената на барелот беше речиси непроменета и изнесува 85,66 долари. Минатиот петок го затвори тргувањето во плус од 1,39 долари.
На крајот на минатата и на почетокот на оваа недела, расположението го одбележаа очекувањата дека водечките производители ќе ја намалат понудата во наредните месеци за да ги поддржат цените.