Народна банка на Македонија планира да го подобри информатичкиот сектор. Бараат тројца кандидати кои ќе сакаат да му се придружат на тимот во отсекот за ИТ инфраструктура. Централната банка на Македонија објави нов оглас, само неколку дена откако бараа и кадар за комуникација со јавноста.
Со новиот оглас централната банка бара тројца заинтересирани кандидати кои би работеле две години во банката, на местото „помлад систем инженер“ во Отсекот за ИТ инфраструкура во Дирекцијата за ИТ инфраструктура.
Заинтересираните треба да се државјани на Македонија, полнолетни, да се здравствено способни за работното место и да не им е изречена казна забрана за вршење професија, дејност или должност.
– Кандидатите треба да имаат завршено факултет од областа на информатичките науки со најмалку 180 ЕКТС кредити (VIБ), со или без работен стаж, да имаат познавање на англиски јазик, работа со компјутер, кориснички оперативни системи (MS Windows), серверски оперативни системи (MS Windows Server), мрежно поврзување (TCP/IP, Cisko IOS, firewall, IDS/IPS, switch, LAN, WAN) и познавања од областа на работењето на Народната банка – се наведува во огласот објавен на веб страната на Народна банка.
Сите кои ќе се пријават, ќе бидат тестирани за нивните познавања на ИТ хардвер, Microsoft Windows Server архитектура, TCP/IP, LAN и WAN технологии, Cisko IOS, рутирање (routing), VPN-и и заштитни ѕидови (firewalls), кориснички оперативни системи (MS Windows), серверски оперативни системи (MS Windows Server), корисничко познавање на Microsoft Office (Word, Excel PowerPoint, Access) и познавање на англиски јазик.
Од централната банка нагласуваат дека во согласност со Колективниот договор, со кандидатите коиимаат работен стаж и за првпат склучуваат договор за вработување со Народната банка, ќе се склучи договор за вработување на определено време со вршење пробна работа во времетраење од 1 месец, а доколку кандидатите немаат работен стаж, ќе се склучи договор за вработување на определено време со вршење на приправнички стаж во времетраење од најмногу 12 месеци. Притоа, договорот за вработување склучен на определено време, може да се продолжи со анекс кон Договорот, во согласност со одредбите од Законот за работните односи.
– Висината на нето платата изнесува 48.970 денари, додека за време на пробната работа висината на платата изнесува 50 проценти од основната, односно 24.945 денари, а за време на приправничкиот стаж изнесува 70 отсто од основната, односно 34.557 денари – се наведува во огласот.