Денеска, 15 јануари 2020 година, Центарот за граѓански комуникации ја објави базата на податоци за сите тендери на локалните власти за новогодишно украсување за дочекот на 2020 година. Базата на податоци открива дека Новата 2020 година украсено ја дочекаа Градот Скопје и 20 општини и за тоа се потрошени 675 илјади евра. Споредено со претходната година намален е бројот на општини што се украсени, но е зголемена вредноста на тендерите.
Дури 91 % од парите за украсување на улиците и плоштадите за дочекот на Новата 2020 година завршуваат кај две скопски фирми, Линк Медиа Плус и Метал-Вет-Ел.
Околу 490 илјади евра односно 73 % од парите за новогодишното украсување се потрошени во Скопје и тоа од градските власти и од општините: Центар, Аеродром, Карпош, Чаир, Бутел, Гази Баба и Шуто Оризари. Само Град Скопје за украсување на јавните површини потроши околу 285 илјади евра што е удел од 42 % од вкупните пари за оваа намена. По Град Скопје најголемите договори за украсување ги имаат склучено скопските општини Центар и Аеродром истиснувајќи ги општините Карпош и Струмица кои лани беа на овие позиции. Промената се должи на тоа што Општина Центар годинава спроведе тендер по пауза од две години (во вредност од 56.847 евра), а Општина Аеродром, пак, ја зголеми вредноста на договорот за 54 % и за украсувањето потроши 48.519 евра.
Освен што договорите ги добиваат истите фирми, продолжува и старата навика на задоцнето објавување на огласите за јавна набавка на новогодишно украсување што секако неповолно влијае врз конкуренцијата и ги оневозможува потенцијалните понудувачи потемелно да ја подготват реализацијата на договорите.
Оваа база на податоци е дел од предвидените десет истражувања и бази на податоци за трошењето на јавните пари кои се реализираат во рамките на активноста Јавно трошење за јавно добро, поддржана од Проектот на УСАИД за граѓанско учество. Целта на оваа активност е зголемување на ефективноста на јавното трошење преку намалување на корупцијата и зголемување на транспарентноста. За повеќе информации за работата на Центарот за граѓански комуникации, посетете ја нашата веб-страница: http://www.ccc.org.mk/ и http://www.opendata.mk/.