Живееме во времe кога на многу занаетчии добро им оди, солидно заработуваат, но чевларите не се оптимисти и велат дека во иднина прашање е дали ќе има кој да поправа чевли.
Велат дека едвај опстануваат. Крпат крај со крај, а за многу од нив, работното време е повеќе од 8 часа на ден, така што дуќаните ги отвораат рано наутро, а дома си одат во попладневните часови. Повеќето чевлари семејно со генерации се занимаваат со овој занает.
„Имам 63 години и занаетот го наследив од татко ми. Овој занает одамна е мртов. Работа има, но при крај сме со работниот век. За 10 години нема да има чевлари, ќе нема кој да поправа чевли. За поправка на обувки повеќе има работа во есен и зимно време. Сега во летно време има замена на флехни, потпетици. Има денови кога нема да поминат 15, но ќе поминат 5-6 муштерии, колку да однесеме некој денар дома“, вели Зоран Никифоровски – Шпанац, чевлар од Скопје.
Чевларите кои ги прашавме за мислење, велат дека трошоците се високи, купуваат материјали за работа, а услугите се евтини. Многу граѓани поради напливот на евтини обувки на пазарот, не ни практикуваат истите да ги поправаат, затоа што сметаат дека не се исплати, односно попрво ќе си купат нови. Од друга страна, внимание посветуваат на скапите обувки и нив ги носат на поправка на чевлар.
„Поправката е скапа, материјалот е скап, а колку пари ќе земеш? Јас работам 34 години, а дуќанот ни постои повеќе од 40 години. Дали работиш или не работиш, давачките си течат. Скапите чевли не ги фрлаат, ги поправаат. Но, не може да се опстане со овие давачки. Некои носат обувки за лепење, шиење, секој различно“, додава Решат Азизи, чевлар од Куманово.
Откако чевларите ќе заминат во пензија, ретко кој продолжува со занаетот. Во некои од македонските градови воопшто нема дуќани за поправка на чевли. Ако некој граѓанин има потреба од поправка на обувки, треба да оди во соседен град.
„Чевларството е еден од занаетите кои се во изумирање, односно поправка на чевли, а за 10 години или помалку ќе нема кој да поправа чевли. Ќе мора да се направи стратегија, да се ослободат од придонеси, како мерка тоа го предлагаме подолго време, за да може услугата да си продолжи“, рече Анета Атанасовска, извршна директорка на Занаетчиската комора Скопје.
Податоците покажуваат дека има намалување на бројот на дуќани. Атанасовска вели дека во Скопје сега се активни осум чевлари кои вршат поправка на чевли, а пред 10 години биле 30, при што дел од нив имале и производство на чевли. (faktor.mk)