Живот 07.04.2026 10:07

Човекот отпатува најдалеку од Земјата досега (ВИДЕО)

Човекот отпатува најдалеку од Земјата досега (ВИДЕО)

Четворицата астронаути од мисијата „Артемис II“ на НАСА – Рид Вајсман, Виктор Гловер, Кристина Кох и Џереми Хансен – вчера беа подлабоко во вселената од кој било човек досега. Заобиколувајќи ја Месечината, тие беа oддалечени 406.778 километри од Земјата.

Досегашниот рекорд (400.171 километар) го држеше екипажот на мисијата Аполо 13 од април 1970 година.

Во моментите на прелетување, НАСА емитуваше снимена порака од Џим Ловел – астронаутот од Аполо 13, кој почина лани на возраст од 97 години: „Ова е историски ден и знам колку ќе бидете зафатени, но не заборавајте да уживате во погледот… со среќа и со Божја помош.“

Летајќи 40 минути од скриената страна на Месечината, без радио-контакт со контролата на летот, астронаутите ја снимале површината и имале ретка можност да видат помрачување на Сонцето.

Капсулата Орион сега се движи кон Земјата. Во петок треба да навлезе во атмосферата со 40.230 километри на час, побрзо од кој било лет со човечки екипаж досега, и да се спушти во Пацификот.

Следната мисија Артемис 3 ќе тестира техники на спојување во ниска орбита, како подготовка за Артемис 4 во 2028 година, со прво спуштање на астронаути на Месечината по 1972 година.