Матичните лекари, кои речиси цела година откако почна пандемијата на ковид-19 гледаат и анализираат различни крвни слики на пациенти, забележуваат чудни ситуации. Некои од нив тврдат дека она што го гледаат ги наведува да заклучат дека кај болните од ковид-19 нешто како да ја труе крвта. Студиите покажале дека кај околу 25 отсто, па дури и до 70 отсто критично болни пациенти е потврден венски тромбоемболизам или белодробна емболија, а матичните лекари од крвните слики на потешките случаи заклучуваат дека нешто токсично го напаѓа организмот.
Сите хоспитализирани лица позитивни на ковид-19 примаат тромбопрофилакса со инјекции т.е. заштитна терапија за превенирање од тромбоза. Излекуваните, и по напуштање на болницата, во следните 45 дена продолжуваат со заштитна таблетарна терапија од тромбоза. Матичните лекари на некои од пациентите им пропишуваат аспирин, но некои со упат од специјалист користат и клексан. Процена на матичниот лекар или специјалистот е со што ќе го лекува позитивниот на ковид-19.
– Фибринот е крајниот продукт во процесот на засирување на крвта. Д-димерите се продукти што настануваат при разградување на фибринот. Концентрацијата на Д-димерите во организмот се утврдува со нивно определување во примерок крв. Во Институтот за трансфузиска медицина се изведува оваа крвна анализа и нормалните вредности изнесуваат 0-500 ngr/mL. При зголемени вредности на Д-димерите, потребно е да се направат дополнителни иследувања, затоа што тие не се специфичен тромботичен маркер. Различни патолошки состојби може да бидат причина за тоа, како на пример сепса, тумори, изгореници, компликации поврзани со бременост, големи оперативни зафати. Исто така можно е да се зголемат и при физиолошки состојби, како бременост, тежок физички напор, стареење – објаснува д-р Виолета Дејанова од Институтот за трансфузиска медицина за весникот Нова Македонија.
Од специјалистичката дијагностичка лабораторија „Авицена“ тврдат дека ковид-19 е поврзан со невиден опсег на нарушувања поврзани со згрутчување на крвта кај заболени пациенти. Пациентите со ковид-19 се соочуваат со сериозни, а понекогаш и фатални абнормалности на згрутчување на крвта. Студиите покажале дека кај околу 25 отсто, па дури и до 70 отсто критично болни пациенти е потврден венски тромбоемболизам или белодробна емболија. Затоа од клучна важност е при рутинската лабораториска процена да се изврши и мерење на параметрите од системот за коагулација на крвта, како што се: крвна слика (број на тромбоцити), Д-димер, PT-протромбинско време, aPTT- активирано парцијално тромбопластинско време и друго.
– Многу е важно да се напомене дека различни лаборатории може да користат различни инструменти, технологии, референтни вредности и тестови за одредување на Д-димерите и затоа не треба да се врши споредување на резултатите од различни лаборатории и да се внимава во кои единици е изразена вредноста – посочуваат од „Авицена“.
Она од што најмногу се плашат многумина е феноменот на згрутчување на крвта, односно страв од нарушување на системот на коагулација. Стравот е уште поголем бидејќи, според одредени лекарски наоди, многумина и починаа токму поради нарушен систем на коагулација. Коагулацијата на крвта претставува природен и заштитен механизам на организмот од искрвавување. Лекарите велат дека кога постои оштетување на ѕидот на крвните садови настанува слепување на крвните плочки (тромбоцити), фибрин и активација на многу механизми, чија крајна цел е да е настане чеп што ќе го запре крвавењето. При патолошки состојби, како оваа со ковид-19, може да настане прекумерно натрупување на тромбоцити и фибрин на внатрешната страна на крвниот сад, што доведува до нарушување во крвната циркулација, сè до нејзин прекин поради затнување на крвниот сад со тромб. Вакви тромби може да настанат насекаде, од најмалите до најголемите крвни садови, и да предизвикаат различен степен на оштетувања, па дури и смрт.