Актуелно 27.03.2020 14:28

Чулев: Моја задача е да обезбедам подеднакво спроведување на законот на целата територија на државата

Чулев: Моја задача е да обезбедам подеднакво спроведување на законот на целата територија на државата

Министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев порачува дека негова задача е да обезбеди подеднакво спроведување на законот на целата територија на државата.

Неговиот Фејсбук статус го пренесуваме во продолжение: 

Имајќи предвид дека дел од граѓаните на населбата Шуто Оризари вчера реагираа на мојата изјава за Сител Телевизија, во оваа прилика дозволете ми да истакнам дека јас сум човек кој има голем број пријатели во Шуто Оризари, а дополнително фактот дека една од првите работни средби беше во оваа општина говори за тоа дека исклучително ги почитувам граѓаните на оваа скопска општина.

Моја задача како Министер за внатрешни работи е првенствено да обезбедам подеднакво спроведување на законот на целата територија на државата, потоа целосно почитување и спроведување на мерките и одлуките на владата и сето тоа во насока на заштита на животот и здравјето на граѓаните на целата држава, вклучувајќи ги и граѓаните на Шуто Оризари.

Статистичките податоци со кои располагаме во моментов покажуваат дека заклучно до денес за граѓаните на Шуто Оризари поднесени се вкупно 4 кривични пријави за непочитување на мерката за ограничување на движењето, предупредени се 2 лица, а уште 4 кривични пријави се во фаза за поднесување со ОЈО. Усно предупредени се вкупно 60 лица кои се жители на оваа скопска општина.