Банкарство 07.06.2018 10:00

Credit Suisse ќе плати 47 милиони долари за вонсудско решавање на спор во САД

Credit Suisse ќе плати 47 милиони долари за вонсудско решавање на спор во САД

„Credit Suisse“, втората по големина банка во Швајцарија, ќе мора да плати 47 милиони долари (40,1 милиони евра) по сила на вонсудско решение за решавање на спор со американското правосудство поради незаконски практики при вработување на персонал во Азија, пренесоа светските агенции.

Азискaта гранка на швајцарската банка – „Credit Suisse Hong Kong“ – постигнала договор со кој Министерството за правда на САД престанува со гонење против неа поради нејзината политика на вработување во Азија за периодот 2007-2013-та година, се наведува во соопштението на банката.

Против банката не било покренато никакво обвинение за кривично дело, се прецизира во коминикето. Сумата за казната ќе биде издвоена од нејзините залихи и нема да влијае на резултатите на „Credit Suisse“ во вториот квартал.

Министерството за правда и Комисијата за берзите и хартии од вредност на САД, која го контролира почитувањето на правилата, ги истражува практиките во Азија на банката да вработува луѓе кои се препорачани од владини агенции или владини организации.

Истрагата е започната во 2013-та година против голем број банки, осомничени дека вработувале од почетокот на векот „синови“ и „ќерки“ на азиски големците, најмногу во Кина, со надеж да добијат договори или да си обезбедат потребните врски за проширување на кинескиот пазар.

Во 2016-та година американската банка „JPMorgan“ постигна договор со американските власти по слична истрага откако се согласи да плати 264 милиони долари за вонсудско решавање на спорот.