Во Македонија, која традиционално се смета за земјоделска земја, краставиците, доматите, пиперките и другите зеленчуци станаа луксуз. Граѓаните се соочуваат со постојано растечки цени на земјоделските производи. За килограм зеленчук, тие мораат да плаќаат и над 100 денари.
На оваа тема разговаравме со универзитетски професори и експерти за земјоделство, кои признаваат дека земјоделството во Македонија е западнато во длабока криза, а последиците најмногу ги чувствува обичниот народ.
„Земјоделството во Македонија е во криза. Сè поголем е бројот на земјодели кои се откажуваат од производството и ги напуштаат нивите, ги продаваат тракторите. А државата, која некогаш беше извозник на земјоделски производи, сега зависи од увозот. Климатските промени, варијациите во температурата, сушите и поплавите се дел од предизвиците со кои се соочуваат земјоделците. И секако, голема улога игра и масовното иселување на помладите кои среќата си ја бараат во странство“, коментираат експертите.
Анета Ристевска, пензионерка до Скопје, вели дека долго време не купила краставици и домати, бидејќи се многу скапи.
„Доматите и краставиците се реткост за мене. Со парите што треба да ги платам за нив, ќе купам месо. Не можам да си дозволам луксузни зеленчуци. Навистина жално. Па ние сме земја на сонцето, ние сме растени на домати, краставици и на пиперки. А сега не можеме да си дозволиме ни за салата. Срамота!”, вели Ристевска.
Екипата на Денар направи мала обиколка во повеќе маркети и супермаркети, па ви ја пренесуваме цената на зеленчукот:
Еден килограм тиквички чини 129 денари, розевиот домат се продава за 149 денари, модриот патлиџан за 219 денари, пипер каварџик за 109 денари, марула ајсберг за 205 денари, брокула за 169 денари, едно парче лут пипер се продава за 19 денари, карфиолот чини 199 денари, благиот компир чини 139 денари. Пиперка црвена капија се продава за 189 денари, еден килограм благ пипер чини 199 денари, пиперките зелена капија за 105 денари, како и пиперки бабури кои чинат 189 денари. ()