Германскиот концерн Daimler AG избра снабдувач на батерии за своите електрични автомобили. Тоа е кинеска компанија чии стапки на раст се извонредни во последниве неколку месеци, објави Motor1.
Германскиот производител потпишал договор со China’s Contemporary Amperex Technology (CATL), но се уште не е јасно кои модели на германската марка ќе добијат батерии од овој производител – дали само оние кои се произведуваат во Кина и се продаваат во азискиот регион, или и оние кои се достапни и на други континенти.
Самата CATL е добро позната во автомобилските средини. Таа работи главно со кинескиот производител на електрични возила BYD и со јапонскиот производител на електроника Panasonic, но соработува исто со PSA, Hyundai, BMW, BAIC, Geely, Yutong, SAIC, Foton, како и со производителите на автобуси Zhongtong Bus и Xiamen King Long.
Во Daimler се надеваат дека до 2025 година, електричните модели на концернот ќе чинат толку, колку и оние со традиционални погони, а за тоа се потребни поевтини батерии. За возврат China’s Contemporary Amperex Technology веќе собра 2 милијарди долари, откако пушти акции на берзите, а оваа сума ќе овозможи изградба на фабрика за производство на батерии, слична на онаа на Tesla.
Интересно е дека гигафабриката на компанијата на Елон Маск во Невада произведува 35 гигаватна електрична енергија, а плановите се во 2020 година моќноста да скокне за 3 пати. За возврат, кинеската фабрика, која пак ќе проработи во 2020 година, ќе понуди 50 гигавати.