Актуелно 17.10.2023 13:18

„Дали министрите знаат дека вечерва ќе си легнам гладна ако не продадам цвеќе?“ – еве што мислат граѓаните за цените во владиниот ресторан

„Дали министрите знаат дека вечерва ќе си легнам гладна ако не продадам цвеќе?“ – еве што мислат граѓаните за цените во владиниот ресторан

Владиниот ресторан кој се наоѓа во зградата на Владата на Република Македонија е место каде што министрите, премиерот и други високопоставени функционери можат да уживаат во разновидна и вкусна храна по смешно ниски цени.

Како што впрочем и вчера објавивме, во владиниот ресторан може да се нарача сланина на скара за 110 денари, суџук за 50 денари, копан со ориз за 110 денари, тавче гравче за 35 денари и други вкусни специјалитети по багателни цени.

Оваа вест предизвика бурни реакции кај разочараните граѓани кои се жалат дека не можат крај со крај да спојат во месецот и дека честопати си легнуваат гладни поради поскапувањето на храната.

„Ова е скандалозно и неправедно. Додека ние се мачиме да преживееме со овие мизерни плати и со постојаното поскапување на храната, тие си јадат како цареви. Како може да има таква разлика во цените? Зарем не сме сите еднакви пред законот? Зарем не треба да плаќаме иста цена за ист продукт? Ова е чист пример за корупција и злоупотреба на јавните средства”, ни изјави скопјанец кој го сретнавме додека купуваше леб во пекарница.

Слична изјава добивме и од пензионерка од Карпош која што продава свежи цвеќиња пред пазарчето во Ѓорче Петров.

„Прво си ги зголемија платите за 78%, а сега јадат специјалитети во владиниот ресторан по смешни цени. А кој ги плаќа тие јадења? Па ние, секако. Срамота. Дали се свесни дека народот гладува? Дали знаат тие дека вечерва ќе си легнам гладна ако денеска не продадам букет цвеќе? Имаат ли тие луѓе совест или само мислат како да ги наполнат стомаците со јадење, а и џебовите со народни пари. Ама ако, Господ гледа“, ни изјави пензионерката којашто сакаше да остане анонимна.

И здружението „Студентски отпор“ реагираше на ниските цени во бифето на Владата споредени со ситуацијата во студентските домови.

Оттаму велат дека функционерите се гоштеваат на грбот на студентите, додека во домовите се случува труење со храна, се наоѓаат инсекти во оброците или, пак, некои од оброците се целосно укинати.

„Додека студентите секојдневно треба да прават пресметки и да стравуваат дали ќе им стигнат 140 денари на ден за убав и квалитетен оброк, функционерите се гоштеваат штедејќи врз грбот на студентите. Иако имаат поголем стандард од нас студентите, иако си ги зголемија веќе високите плати за 78%, сепак функционерите одлучуваат студентите да гладуваат додека тие комотно седат на кожни фотелји без грижа и совест за студентите. На функционерите им порачуваме: Ајде да го замениме нашиот сув и бајат леб за вашите функционерски оброци!”, се вели во реакцијата на студентите.

Од друга страна, од Владата нема официјална реакција за ова прашање. Нашите обиди да добиеме изјава од некој од надлежните беа неуспешни.

Сепак, според некои неофицијални извори, владиниот ресторан функционира по принципот на субвенционирана храна за вработените во јавната администрација. Исто така, се тврди дека цените на храната во владиниот ресторан не се менувале од 2017 година, кога бил отворен ресторанот.

Во меѓувреме, граѓанските организации и опозициските партии бараат преземање на мерки за спречување на оваа дискриминација и нерамноправност.

Тие побараа одговорност и транспарентност од страна на Владата и објавување на деталните трошоци за функционирањето на владиниот ресторан. Тие истакнаа дека ова е уште еден доказ за тоа дека Владата не ги има на ум граѓаните и нивните потреби, туку само своите привилегии и интереси.

Инаку, менито од владиниот ресторан вчера го објави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски, кој обвини дека цените на храната се замрзнати само во владините бифеа наместо во продавниците.

„Може да нема омлет со свинско, ама тука е порција омлет со пилешко! Народот се турка за корка леб, а Ковачевски, Груби, Бујар, Спасовски, Стани Цаци, си сркаат пилешка чорба за 60 денари, вртат на вилушка омлет со свинско за 65 денари. Може и сланина на скара за 110 или вешалица од свинско каре за 135 денари. Некој нека најде копан со ориз за 100 денари, грав со сланина за 150 денари, тост со свински врат 75 денари на друго место освен во Влада за министрите. Или Битиќи, оној што убедуваше за „перки од ајкула” па поскапе сѐ што можеше да се поскапи, може да се заблажи со тулумба или штрудла со тиква за по 30 денари. Не верувам дека некаде се јаде по овие цени, во болница или во студентски дом. Со овие цени, доручек, ручек и вечера за функционери доаѓа околу 250 денари. Чорба за доручек, готвено за ручек, тост за вечера“, реагираше Стоилковски.