Живот 24.01.2024 12:41

Дали отпечатоците од прсти се уникатни? Вештачката интелигенција анализираше 60.000 од нив и донесе заклучок

Дали отпечатоците од прсти се уникатни? Вештачката интелигенција анализираше 60.000 од нив и донесе заклучок

Дали мислите дека секој отпечаток од прстите кај човекот е всушност уникатен? Тоа е прашањето што професор му го постави на студентот Габе Гуо за време на пандемијата на коронавирусот, чекајќи да ја започне својата прва година на одделот за компјутерски науки на Универзитетот Колумбија, пишува „Си-ен-ен“.

„Тогаш не знаев дека тој разговор ќе ги постави темелите на мојот живот во следните три години“, вели Гуо, сега студент на трета година на одделот за компјутерски науки.

И не само тоа, перспективниот студент го предводеше тимот кој се занимаваше со истражување на темата по ова прашање. Со помош на вештачката интелигенција го доби одговорот – отпечатоците од прсти не се уникатни.

За добиените податоци објавен е цел научен труд во списанието „Саенс адвансес“.

„Имаше голем отпор од форензичката заедница на почетокот. За првото или второто повторување на нашата работа, тврдевме дека двата отпечатоци не се совпаѓаат. Но, доказите што ги собравме во еден момент станаа непобитни“, изјави Гуо.

За да дојде до резултатите, тимот користел вештачка интелигенција наречена мрежа за длабок контраст, која вообичаено се користи за задачи како препознавање лица. Истражувачите потоа презентирале база на податоци од 60.000 отпечатоци од прсти во парови, кои во некои делови припаѓале на иста личност, но од различни прсти, а во некои делови на различни луѓе.

Системот откри дека отпечатоците од прсти од различни прсти на иста личност споделуваат сличности, и затоа во 77 отсто од случаите препознал дека тоа се отпечатоци од прсти на една иста личност.

Ова го поби сето она во што верувавме сто години. Имено, нивната употреба во борбата против криминалот започнала во 1896 година.

„Најдовме објаснување за сличноста на отпечатоците на иста личност. Агли и кривини во центарот на отпечатокот. Со текот на годините, луѓето забележале различни карактеристики наречени ‘ситници’, разгранувања и краеви во отпечатоци од прсти кои се користат како традиционални маркери за идентификација на отпечатоци. Тие се одлични за усогласување на отпечатоците, но не се сигурни за наоѓање корелации помеѓу отпечатоци од прсти на иста личност. И тоа беше нашата реализација“, објасни Гуо.

Авторите на научниот труд рекоа дека биле свесни за потенцијалните предрасуди во податоците. Иако веруваат дека системот за вештачка интелигенција функционира слично и кај половите и кај расите, за системот да може да се користи во форензиката во реалниот свет, потребна е повнимателна проверка преку анализа на поголема и поширока база на податоци за отпечатоци од прсти.

Сајмон Кол, професор на катедрата за криминологија, право и општество на Универзитетот во Калифорнија, Ирвин, се согласи дека работата е интересна, но рече дека нејзината практична корист е преценета.

Сепак, студентот Гуо не е обесхрабрен и ќе продолжи да ги проучува отпечатоците со помош на вештачка интелигенција.

„Никој не ја забележа сличноста додека нашата вештачка интелигенција не ја анализираше. Тоа само зборува за моќта на вештачката интелигенција автоматски да препознава и извлекува релевантни карактеристики. Мислам дека ова е само првиот чекор. Кој знае што друго ќе открие вештачката интелигенција што не сме ја знаеле претходно, иако постојано ни е ‘под нос’“, додава тој.