Роботите и вештачката интелигенција сѐ почесто се доживуваат како „Баба Рога на 21. век“. Во прилог на тоа, меѓу другото, се вестите за смртни случаи при возење автономни возила, како и дистописките и научно-фантастични филмови како „Blade Runner“ и „Ex Machina“. За опасноста од развојот на вештачката интелигенција зборуваа и Стивен Хокинг и Елон Маск.
Меѓутоа, стравот се зголемува и со низата сериозни истражувања објавени во изминативе пет години, како истражувањето на Универзитетот Охсфорд од 2013 година, чии резултати покажаа дека роботите до 2030 година би можеле да заменат околу 47% од работната сила во САД и околу 35% во Велика Британија.
Во почетокот, најцрни прогнози имаше главно за работните места за кои не е потребно повисоко ниво на образование. Но, со тек на време се зачестија медиумските објави дека роботите веќе успешно ги заменуваат работните места на високо образовани луѓе како новинари и преведувачи.
Пукање на балонот на страв
Со тек на време се усовршуваа анализите и проценките за заменливост на работните места станаа пософистицирани и поквалитетни. Така, во дел од анализите се покажа дека е потребно да се идентификуваат деловите во работните профили што може целосно да се автоматизираат од оние во кои роботите нема да може целосно да ги заменат луѓето. Исто така треба да се исклучат професиите во кои роботите најверојатно никогаш нема да можат да ги заменат луѓето иако теоретски можеби би можеле.
Во таа насока, во едно истражување на Организацијата за економска соработка и развој од 2016 година, проценките на Оксфорд беа процентуално намалени и се покажа дека автоматизацијата ќе има различни ефекти за различни струки во различни делови од светот. Според ова истражување, роботите ќе заменат многу помал процент од работните места во англосаксонските и скандинавските меји, во споредба со источноевропските.
На пример, во Словачка речиси 70% од работните места може да се автоматизираат, а 33% од нив се високозаменливи. Во Словенија таа бројка е проценета на 25%, во Грција на23%, додека во Норвешка роботите би можеле да заменат само 6% од работните места, а во Финска 7% и во Шведска 8%.
Нови истражувања: Едни работни места се затвораат, други се отвораат
Од самиот почеток на сериозните расправи за заканата од автоматизацијата, многу експерти истакнуваат дека развојот на вештачката интелигенција и роботиката нема само да одземаат работни места, туку и ќе создаваат нови. Тоа, меѓу другото, го покажува и историјата. На пример, во почетокот на 20. век, земјоделските машини заменија огромен број работници во земјоделската област во САД. Но, развојот на технологијата истовремено отвори многу работни места во фабрики каде луѓето добија физички полесни и подобро платени работни места.
Едноставно, потребна е преквалификација на работната сила.
Конкретен пример за тоа е едно истражување спроведено неодамна во Германија. Истражувањето покажа дека автоматизацијата во оваа земја од 2011 до 2016 година резултирала со вкупен раст на бројот на работни места за околу 1,8 отсто, а не пад. Имено, роботите зеле околу 5% од работните места, но на сметка на тоа се отвориле нови и главно подобро платени работни места.