Финансии 18.07.2018 12:05

Давачките за компаниите континуирано растат

Давачките за компаниите континуирано растат

Истражувањето што неодамна го спроведе Стопанската комора на Македонија покажа дека покрај даноците, постои цел круг на други неданочни и парафискални давачки, кои претставуваат расходи од голем обем за компаниите, и претставуваат значително оптоварување. Листата на овие други „дополнителни давачки“ расте од година во година.

– Според направените согледувања за потребите на истражувањето, бројот на задолжителните неданочни давачки за правните лица, кои се плаќаат на трезорската сметка, изнесува повеќе од 190 давачки, од кои над 40 давачки по основ на еднократни такси и дозволи за вршење на дејност, околу 20 давачки по основ на комунални такси, над 40 глоби по посебни прописи,  околу 20 кои се однесуваат на административни, судски и други такси, над 20 надоместоци за други услуги (сертификати за лекови, метрологија, стандардизација, акредитација, за катастарски услуги, хидролошки мерки, тендери, итн.), десетина придонеси по други основи (придонеси за водостопанство, за Фондот за патишта, за проширена репродукција на шумите итн.) и над 40 обврски по други давачки како за: за запишување во одреден регистар, дозволи за вршење бизнис, за терминални услуги, професионални дозволи, за полагање испити, добивање лиценци за одредени овластувања, за сертификати, за комисии за утврдување на одредени  услови  итн, посочуваат од Стопанската комора на Македонија.

При тоа, сублимирано во период од 2008 година до 2016 година има воведено вкупно 84 нови давачки (18 видови давачки што се вклучени во т.н. други даноци, 41 вид неданочни давачки и 25 нови глоби) со што е постигнато дополнително оптоварување на правните и физичките лица на годишно ниво во износ околу 20 милиони евра. Во групата “Други даноци” од 2008 година до 2016 година има воведено 18 (осумнаесет) нови давачки во вид на “други даноци”, со што дополнително се оптоварени, пред сé, правните лица и наплатата од овие нови воведени давачки во 2016 година изнесува околу 14 милиони евра. Како неданочни давачки во периодот од 2008 година до 2016 година има воведено 41 нови неданочни давачки од кои најголем дел се воведени во 2014 година (23) и со нивното воведување се наплатени повеќе од 5 милиони евра во 2016 година. Дополнително, од 2008 до 2016 година воведени се 25 нови глоби по посебни прописи и само по основ на новите глоби наплатени се повеќе од 50 милиони денари или околу 820.000 илјади евра.

Поради тоа, Стопанската комора на Македонија укажува на потребата системот на сите јавни приходи во Република Македонија да биде строго уреден и секогаш задолжително да биде под клучен надзор од Министерството за финансии на Република Македонија. Имено, потребна е реформа на комплетната законска и подзаконска регулатива коа е поврзана со неданочни и парафискални давачки. Со оваа реформа би се воспоставиле процедури за нивно усвојување, а се со цел обезбедување на транспарентност и предвидливост во еден подолг временски период. Ова би можело да се постигне со донесување на посебен закон за јавни приходи и расходи со кој би биле предвидени сите јавни приходи. Со него би се опфатиле сите основни институти на оданочување, би можеле да се дадат износи на апсолутни зафаќања во дефинирани распони, а не би се навлегувало во фискалниот суверенитет на локалните самоуправи или парламентот на централно ниво кои со нивни одлуки или посебни закони дефинираат конкретни стапки, но во рамки на законски дефинирани распони. Потоа, да не може да се воведе ниту една дополнителна давачка без согласност од Министерството за финансии или мислење доколку се работи за одлуки на Владата. Со ова значително ќе се ограничи можноста и денес воспоставената пракса каде различни органи или носители на јавни овластувања директно влијаат на бројот и основните елементи на одредени давачки. Со ваков пристап би се постигнало унапредување на деловниот и инвестицискиот амбиент во Република Македонија и би се обезбедило релативно изедначување на даночното и неданочното оптоварување на обврзниците во различни општини во Македонија, што би потпомогнало за рамномерен развој на сите региони во земјата.