Актуелно 22.08.2019 15:11

Давидовиќ: Без разрешување на специјалниот јавен обвинител не може да се именува нов, па и да станува збор за вршител на должноста

Давидовиќ: Без разрешување на специјалниот јавен обвинител не може да се именува нов, па и да станува збор за вршител на должноста

Ова се случува кога политичари подготвуваат и носат закони, без да консултираат експерти од правната фела. На површина излегуваат недостатоците и мааните, кои уште повеќе ја усложнуваат и онака сложената ситуација, вели за Пресинг ТВадвокатот Звонко Давидовиќ, по притворањето на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева и дилемите што произлегоа како натаму да функционира институцијата, што таа ја раковод(и)еше.

Според Давидовиќ, клучно е да се одреди дали станува збор за престанок на функцијата или за разрешување на специјалната јавна обвинителка, околност што дополнително е обременета со нејзината условена оставка.

На вчерашната средба со новинарите, јавниот обвинител Љубомир Јовевски рече дека сега Советот на јавни обвинители треба да избере вршител на должност за шеф на СЈО од редот на помошниците обвинители на Катица Јанева и, патем, се повика на завршните одредби од Законот за СЈО, иако таму тоа – не го пишува.

Претседателот на Советот на јавни обвинители, Коле Штерјов, пак, укажа дека во оваа ситуација постојат правни празнини. Тој потсети на членот 18 став 4 од Законот за јавно обвинителство кој предвидува: „Ако на јавниот обвинител на РМ му престане функцијата или е разрешен од функција, Советот на јавни обвинители од редот на јавните обвинители во Јавното обвинителство на РМ определува обвинител што ќе ја врши функцијата до изборот на нов јавен обвинител“.

Јавниот обвинител Јовески прво нема никакви ингеренции за да предлага решенија и второ, очигледно не го познава добро и Законот за СЈО. Од друга страна, Штерјов веќе има делумни ингеренции во врска со специјалната јавна обвинителка и очигледно е дека тоа што го кажува го црпи од Законот за СЈО. Точно е дека во член 1 став 2 од Законот за СЈО се предвидува дека за се што не е уредено со Законот за СЈО се применуваат одредби од Законот за јавното обвинителство. Но, доколку се погледне целиот Закон за СЈО и особено одредбите за избор и разрешување на специјалниот јавен обвинител, тоа што го предлага Јовески е во спротивност со овој Закон, вели Давидовиќ.

Давидовиќ е дециден дека без разрешување на специјалниот јавен обвинител не може да се именува нов, па и да станува збор за вршител на должноста. А, за тоа постојат неколку услови, што се наоѓаат во членовите 17, 18 и 20 од Законот за СЈО и се однесуваат на тоа дали нему му престанува функцијата или се разрешува.

Целото интервју на Пресинг.