Во недела на 23 декември во Скопје ќе се одржи традиционалната Дедомразовска трка, во која повеќе стотици учесници во дедомразовски костуми ќе трчаат во центарот на главниот град.
Трката покрај натпреварувачки, има и забавен карактер па во неа се добродојдени да се пријават учесници од сите старосни групи. Должината на патеката е само 2 километри и можат да ја истрчаат и деца во придружба на родители. Пријавувањето се одвива преку веб страницата www.prvdovrv.mk.
Стартот и финишот на трката се на Плоштадот Македонија, а ќе се трча кон Порта Македонија, Парк Жена Борец, Холидеј Ин, мостот кај МНР, покрај Вардар кон Камениот мост и преку преку мостот до целта.
Учеството во трката чини 300 денари, а за првите 300 пријавени следува целосен дедомразовски костум, составен од палто, панталони, капа, ремен и брада.
За победниците се предвидени награди, а на најсреќните учесници преку лотарија ќе им се исполнат новогодишните желби без оглед на резултатот и освоеното место. Пред и по трката се предвидени музичка програма, загревање со фитнес инструктор и церемонија на прогласување на победниците.
Стартот на трката е закажан за 12 часот, а подигнувањето на стартните пакети од 9 до 11 часот на денот на трката.Трката ја организира здружението за спорт и рекреација Прв до врв, со поддршка на Coca-Cola и градот Скопје.