Според измените на Законот за акцизите, кои пратениците ги усвоија на 3 октомври, цигарите, пурите, несогорливите тутунски производи и течноста за електронски цигари, треба да поскапат од следната година и тоа за 5 денари по кутија.
Дел од најпродаваните цигари добија нова цена која е поскапа за дури 10 денари. Трговците се изненадени од потегот на дистрибутерите, кои без најава пред еден ден им доставиле нови ценовници. Пред еден месец медиумите се истрчаа со најавата дека ќе има ново поскапување на тутунските производи, што потоа експресно беше демантирано, бидејќи акцизата ќе се зголеми дури на први јануари.
Според измените на Законот за акцизите, кои пратениците ги усвоија на 3 октомври, цигарите, пурите, несогорливите тутунски производи и течноста за електронски цигари, треба да поскапат од следната година и тоа за 5 денари по кутија. Со усвоените измени, секој 1 јануари до 2030 година, акцизата на цигарите ќе се зголемува за 0,23 денари по парче. Ваква законска одредба имаше и досега, но таа истече годинава.
Со 16.600 засеани хектари, Македонија во 2021 година била на 19-то место, меѓу 50-те светски лидери по производство на тутун, рангирани од Светската организација за храна и производство (ФАО). Според податоците, македонската Влада во 2020 година потрошила околу 32 милиони долари за субвенции за тутунот. Последните истражувања, нотираа дека околу 50 отсто од населението во Македонија се пушачи. А, и со последните поскапувања, Македонија има релативно најевтини цигари во регионот.
Од 2 јуни во Хрватска веќе нема цигари поевтини од 2,60 евра, а некои се продаваат и за 4 евра. Статистичкиот завод на Бугарија соопшти дека само во мај цигарите поскапеле за 1,5 отсто, што за кутија чија што цена е 2,5 евра, тоа значи зголемување од околу 7 центи. Прогнозата за тутунските производи кај нашиот источен сосед е дека тие ќе продолжат да поскапуваат поради воведените повисоки акцизни стапки, кои стапија на сила на почетокот на март.
Строгата акцизна политика на БиХ доведе до проширување на црниот пазар во последниве години, каде што шверцерите собираат дополнителен профит, а буџетите останаа без милијарди марки. Иако се согласуваат дека црниот пазар е голем, мислењата на економистите за влијанието на акцизите врз него се поделени. Додека едни сметаат дека ваквиот модел на акциза има крајно негативни резултати, други се на мислење дека зголемувањето на акцизите заедно со построга инспекциска контрола е единствениот начин да се намали пушењето.
Во минатото шверцот во регионот се одвиваше на улиците и пазарите. Денес, нелегалната трговија претежно се пресели на Интернет. По пандемијата, односно во 2020 година, виртуелниот шверц цвета. Како што покажува истражувањето на лондонски „Економист“, дури 60 отсто од нелегалната стока се купува на Интернет, а само 35 отсто на улица. Не треба да го игнорираме фактот дека 56 отсто од лажните производи запленети на европските граници доаѓаат од онлајн набавки.
Инаку, најскапите цигари се на светот се продаваат во Австралија. Таму кутија „марлборо“ чини околу 20 евра, а истите цигари во Њујорк чинат 15 евра. Според неодамнешни статистики најевтиното „марлборо“ се продава во Казахстан – 0,9 евра.