Денес се навршуваат 10 години од заминувањето на Габриела Коневска Трајковска, Потпретседател на Владата на Република Македонија задолжен за Европски прашања (2006-2008 година).
Десет години од моментот кога времето застана, кога запреа насмевките, кога исчезнаа прегратките, кога замолкнаа телефоните. Десет години откако болката ја заменивме со болка, тагата со непребол, а отсуството, со гордост што ја имавме.
Затоа што сеkогаш ги прифаќаше предизвиците, затоа што имаше храброст да и погледне во очи на вистината колку и да беше болна, затоа што знаеше да се насмее и кога најмногу болеше, затоа што јуначки поднесуваше, затоа што никогаш не се откажуваше од она што го сака, од она во што веруваше и од она што беше цел која сакаше да ја достигне.
Никогаш пасивна и со самосожалување, самоуверена, борбена и силна, онаа која не се откажува дури и тогаш кога никој освен тебе не веруваше во успех.
Коневска Трајковска беше родена на 1971 во Скопје. Дипломирала право на Правниот факултет во Скопје при Универзитетот Св. Кирил и Методиј, каде и завршила постдипломски студии. Имала и специјализација по право на Европска унија, како и по меѓународно право на ОН.
Беше Потпретседател на Владата на Република Македонија задолжен за Европски прашања (2006-2008 година)
Била претседател во невладината организација за борба против корупција Транспарентност Македонија.
Претходно работела како личен политички советник на специјалниот координатор на Пактот за стабилност и координатор на СЕКИ иницијативата Ерхард Бусек.
Била и шеф на меѓународната мисија во Букурешт, при Пактот за стабилност – Секретаријат за борба против организираниот криминал, како и основач и прв директор на Регионалниот центар за борба против организираниот криминал во Букурешт, при СЕКИ иницијативата подржан од страна на Стејт Департментот и тогашниот Државен секретар Медлин Олбрајт.
Габриела Конеска-Трајковска имала добиено повеќе признанија, од Стејт департментот на САД за посебен и истакнат ангажман при формирање на Регионалниот центар за борба против организираниот криминал во Букурешт, при СЕКИ иницијативата, од Тајната служба на САД за резултати при сузбивање на финансискиот криминал, како и од Интерпол за имплементација на меѓународни правни норми при размена на податоци и информации за сузбивање на организираниот криминал.
Полицијата на Романија и има доделено диплома на честа.
Коневска беше предавач на Њујорк Универзитетот во Скопје во областа на правото на Европската унија.
Во нејзина чест секоја година од страна на Секретаријатот за Европски прашања и Владата на Македонија се доделуваат Стипендии за постидпломски студии “Габриела Конеска Трајковска” од областа на правото, економијата и политиките на ЕУ за учење во странство.
Зад себе како Мајка остави едно прекрасно женско дете.
Конеска-Трајковска активно се служела со англискиот, францускиот и романскиот јазик, а ги владеела и германскиот и грчкиот јазик.
Остануваш инспирација, и вдахновен пример за тоа како се сака, како се постигнува и како се жртвува за своето “верувам”.
Времето одминува, твојата физичка отсутност не претвори во љубов и живи спомени, што силно живеат со тебе… нашата Габи.
Духот последен умира велеше, оставаш само спомени и дела, оставаш образ и презиме за следните поколенија.
Нека е вечно светол споменот на нејзиното дело.