Државната изборна комисија денеска треба да изврши промена на роковникот, со која рокот за поднесување на ценовниците за медиумско претставување поврзано со референдумот, закажан за 30 септември, ќе се продолжи до утре.
Само овластениот предлагач, односно Собранието има привилегиран пристап до услугите, кои ги обезбедуват радиодифузерите, печатените медиуми и електронските медиуми (интернет порталите), предвидени со Изборниот законик.
Сите останати субјекти можат да имаат свое медиумско претставување поврзано со референдумот, но пристапот до услугите на медиумите е под пазарни услови, согласно правилата и политиките за платено рекламирање на секој медиум.
Неискористените термини, медиумот може да ги продаде на други субјекти, под услови договорени со субјектот кој го купил терминот. Ценовниците и условите за медиумско претставување, кои медиумите ги доставуваат до ДИК се однесуваат само на „привилегираниот пристап“ на овластениот предлагач. Сите останати субјекти го договараат своето медиумско претставување со соодветниот медиум, под пазарни услови, информира ДИК.
Овластениот предлагач, услугите кои ги користел за јавната пропаганда ги плаќа од сопствени средства, според ценовниците определени од медиумите и доставени до ДИК. Останатите субјекти, искористените услуги за сопствено медиумско претставување ги плаќаат од сопствени средства.
– Обезбедувањето дополнителни минути за емитување комерцијални пропагандни пораки е прашање кое медиумите (самостојно или преку нивните здруженија) треба да го договорат со Агенцијата за медиуми, која е надлежно регулаторно тело за овие прашања. Државната изборна комисија е спремна да помогне доколку цените дека ваква помош е потребна, додава ДИК.
Референдумот ќе се одржи на 30 септември, откако Собранието на 30 минатиот месец донесе одлука за негово распишување, која потоа собранискиот спикер Талат Џафери ја достави до ДИК.
Комисијата на седницата, што ја одржа на 1 овој месец, упати јавен повик за проверка на податоците во Избирачкиот список за спроведување на референдумот. Јавниот увид на податоците ќе почне на 9 август и ќе трае до 23 август до 24:00 часот.
Доколку сметаат дека е потребно, да побараат измена, дополнување или бришење на податоците во него, граѓаните тоа може да го направат преку веб-страницата на ДИК https://izbirackispisok.gov.mk/ и во подрачните одделенија и канцеларии на ДИК. Избирачкиот список што се става на јавен увид е со состојба на податоци на граѓаните кои заклучно со 30 септември 2018 година станале полнолетни, наведуваат од ДИК.
Референдум е форма на неспоредна демократија и учество на граѓаните во донесување политичките одлуки, а за да биде успешен потребно е да се исполни законскиот цензус, односно на него да излезат најмалку 50 отсто од избирачите.
На избирачкиот список во моментов има околу 1,8 милиони гласачи. За да биде исполнет цензусот треба да излезат најмалку половина од нив, а одлуката ќе биде усвоена ако ја поддржале мнозинството од излезените избирачи.
Со оглед дека на референдумот ќе гласа и дијаспората, ДИК во рок од три дена од распишување на референдумот, до 2 август, до Министерството за надворешни работи требаше да упати барање за доставување на податоците за дипломатите вработени во соодветно дипломатско-конзуларно претставништво, (конзуларни канцеларии), заради избор на претседател и заменик-претседател на избирачки одбор за спроведување на гласање во ДКП-то. МНР има рок до утре август да ги достави бараните податоци до ДИК.
Трошоците за спроведување на референдумот ќе изнесуваат 3,5 милиони евра. Парите ќе бидат обезбедени од Буџетот на РМ, со прераспределба помеѓу буџетските корисници на централната власт и помеѓу фондовите, како што е дефинирано во Одлуката која ја изгласа законодавниот дом.
Референдумското прашање ќе гласи: „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција?“. /МИА