Актуелно 27.11.2023 10:12

Димитриеска Кочоска: Не е страшно кога јавниот долг е и поголем, страшно е кога се користи за криминал и корупција

Димитриеска Кочоска: Не е страшно кога јавниот долг е и поголем, страшно е кога се користи за криминал и корупција

Jавниот долг е тема која не мачи сите нас затоа што се што позајмува Република Македонија се обврски кои нема да ги вратиме само ние, туку ги оставаме и на идните генерации. И не е исто да оставите долг од 10 илјади евра на вашите деца или да оставите долг од 50 илјади евра, рече Гордана Димитриеска Кочоска, потпретседателка на ВМРО-ДПМНЕ на денешната дебата на тема Економски принципи која е во рамки на настанот „Важно е! Платформа за иднина“ кој е дел од кампањата „Важно е! Од тебе зависат промените.“

Димитриеска Кочоска направи споредба како било претходно со јавниот долг како е сега со оваа Влада.

„Кога имаше јавен долг од 48,8 проценти во однос на БДП тогаш некој зборуваше дека сме пред банкрот, дека не можеме да опстанеме, пишуваа писма до меѓународни финансиски институции. Прво, важно е колку во апсолутен износ е зголемен јавниот долг или за 10 години пораснал за 2 милијарди и 900 милиони евра, а за жал денес за нешто помалку од 7 години јавниот долг е пораснат за 3 милијарди и 300 милиони евра. Замислете да се на власт уште следни три години уште за колку ќе ја задолжат државата“, рече Димитриеска Кочоска.

Според потпретседателката на ВМРО-ДПМНЕ, вториот проблем е многу посериозен.

„Тоа е прашањето зошто ги позајмуваме парите, ако парите се позајмуваат и наменски се трошат тогаш има логика затоа што ќе додадете вредност на целокупната економија и врз основа на тоа ако очекувате поголем економски развој. Во еден изминат период се правеа патишта, се купуваше опрема за болници, се правеа спортски сали, се градеа училишта итн. Ние денес зборуваме за нов јавен долг, но ништо не гледаме со голо око. Еден автопат од Кичево до Охрид се уште не е завршен, а пари се трошат. Е тоа е болката и е голем проблем кој ќе остави големи траги за економијата“, кажа Димитриеска Кочоска.

Потпретседателката се осврна и на еврообврзницата и укажа дека следните години од 2025, 2026, 2027,2028 година доспеваат 500 милиони евра, потоа 700 милиони евра, па 500 милиони евра, 700 милиони евра.

Тоа, рече таа, се еврообврзници издавани од 2018 година наваму и тоа остава траги на економијата.

Димитриеска Кочоска кажа дека некогаш е оправдано ако имате поголемо задолжување, ама ако има економска оправданост.

„Да заклучам не е страшно кога јавниот долг е и поголем, страшно е кога се користи за криминал и корупција, ако оди правилно насочен кон проекти тогаш нема од што да се плашиме, туку да веруваме на луѓето кои работат и да очекуваме позитивни резултати“, заклучи Димитриеска Кочоска.