Финансии 13.09.2024 11:55

Димитриеска Кочоска: Покажавме дека сплотениот тим е посилен од сѐ

Димитриеска Кочоска: Покажавме дека сплотениот тим е посилен од сѐ

Министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска преку пост на својот фејсбук профил им се заблагодарува на сите што учествуваа во вчерашната акција во Струмица и во други градови во земјава за откривање сторени кривични дела од областа на финансискиот криминал, односно „даночно затајување“, „даночна измама“ и „перење пари и други приноси од казниво дело“ на група субјекти и додава дека со акцијата покажале дека сплотениот тим е посилен од сѐ.

-Сакам да искажам огромна благодарност до Управата за јавни приходи и директорката Елена Петрова, а особено до колегите од Струмица и другите градови кои денес заедно со мене цел ден неуморно работеа во спроведување на акцијата во Струмица. Дел од нив директно со мене во Струмица, а дел и низ други градови на Македонија. Исто така, огромна благодарност до Министерството за внатрешни работи, Бирото за јавна безбедност и Царинската управа кои беа огромна поддршка на колегите од УЈП. Денес покажавме дека сплотениот тим е посилен од сѐ, порача Димитриеска Кочоска на својот фејсбук профил.

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција вчера оформи предмет поради основи на сомневања за сторени кривични дела од областа на финансискиот криминал, односно „даночно затајување“, „даночна измама“ и „перење пари и други приноси од казниво дело“ на група субјекти. Предметот е оформен по доставено известување од страна на Министерството за внатрешни работи за снија до кои дошла Управата за јавни приходи.

-Заради докажување на основите на сомневање за сторување на наведените кривични дела, на барање на предметниот јавен обвинител, судија на претходна постапка при Основен кривичен суд Скопје издаде наредби за претрес на дом и други простории на повеќе локации во повеќе градови, посочија вчера од Обвинителството.

Нагласија дека полициски службеници, службени лица од Управата за јавни приходи координирано со истражители од Лабораторијата за дигитална форензика при Истражниот центар на ОЈО ГОКК при претресите обезбедиле бројна документација и електронски записи што ќе бидат предмет на обработка и анализа со цел обезбедување материјални докази за потребите на водењето на понатамошната кривична постапка.

-Претресите сè уште се во тек. Со оглед дека станува збор за предистражна постапка која според закон е тајна, јавноста навремено ќе биде информирана за поединости што нема да ја нарушат постапката, порачаа вчера од Обвинителството.