Актуелно 23.01.2019 01:04

Димитриев: Граѓанскиот совет за надзор на ОТА заглави со кадри кои што ќе испорачуваат политички извештаи

Димитриев: Граѓанскиот совет за надзор на ОТА заглави со кадри кои што ќе испорачуваат политички извештаи

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Емил Димитриев во неговото гостување во Отворено на Алфа телевизија говорејќи за Советот за граѓански надзор врз ОТА изјави дека советот кој требаше да биде тело кое нема да биде политичко, сепак заглави со кадри кои што ќе работат во прилог на политиката и кои целата јавност знае за кого одработуваат.

Тој потенцираше дека цело време се се сведува на едни исти луѓе или т.н. аналитичари кои што во работно време се советници во владини кабинети, а попладне се по телевизиите како аналитичари.

– Сметав дека граѓанскиот совет ќе биде првото тело или првата институција во Македонија на новата Влада кое што на дело ќе го демонстрира она што го говореа како опозиција, дека не треба политизација, но заглавивме со политички кадри, кадри кои што ќе испорачуваат извештаи кои ќе одат во прилог на политиката, изјави Димитриев

Димитриев истакна дека самиот процес уште од самиот почеток е промашен, огласот не бил транспарентен, а целата постапка формално и структурно не ги исполнува условите и затоа неопходно е огласот да се поништи и да има нов, кој ќе биде достапен на што е можно повеќе експерти.

– Огласот беше распишан прилично несоодветено, не го видоа луѓето доволно, аплицираа многу малку луѓе. Дури и од формален аспект таму пишува дека во граѓанскиот совет треба да членуваат тројца претставници од невладиниот сектор, тројца од експертската јавност, и формално овој услов не е запазен. Уште еден аргумент кој што говори дека огласот и целата процедура треба да биде сторнирана, да биде поништен и да имаме нов оглас, нагласи Димитриев.