Банкарство 27.02.2024 08:42

Диомидис Николетопулос: Стопанска банка Скопје е здрава и солидна организација, со докажан бизнис-модел и стратегија

Диомидис Николетопулос: Стопанска банка Скопје е здрава и солидна организација, со докажан бизнис-модел и стратегија

Постои огромен потенцијал и широк дијапазон за соработка помеѓу Грција и Северна Македонија, и тоа во речиси сите аспекти на социо-економскиот живот како што се трговија, енергија, транспорт, туризам, образование, култура итн. Натамошното продлабочува на соработката може да се постигне преку препознавање на можностите кои произлегуваат од заедничката иднина на земјите, поддржани од владите и од институциите кои ќе го создадат и ќе го прилагодат окружувањето потребно за оваа соработка, подготвувајќи практични и извесни планови и, секако, ќе се посветат кон спроведување на тие планови во реалноста, вели генералниот извршен директор и претседател на Управниот одбор на Стопанска банка АД – Скопје, Диомидис Николетопулос во мега интервјуто за „Економија и бизнис“.

Воедно, како личност која десет години ја предводи Банката, нагласува:

„Горди сме што Стопанска банка АД – Скопје, како членка на НБГ-групацијата, е една од најзначајните одредници на економската соработка меѓу двете земји речиси 25 години. Располагаме и со искуство и со знаење како значително да помогнеме во зајакнување на соработката од взаемна корист за двете нации во претстојниот период: преку креирање на поволни услови за инвеститорите, обезбедување бенефиции и промовирање на инвеститорски можности во клучните сектори, како и преку градење на посилни економски партнерства, искористувајќи ги придобивките од географската блискост“.

Задоволен е од резултатите што Стопанска банка АД − Скопје ги постигнува во текот на своето работење. Како што истакнува, 2023 била посебно успешна. Банката остварила историски највисока профитабилност со оперативна добивка (пред резервации и оданочување) од 83,5 милиони евра, што е најдобар резултат во банкарскиот сектор во Република Северна Македонија.

„Дополнително, во 2023 година Банката значително го подобри квалитетот на кредитното портфолио, алоцирајќи значаен дел од својата профитабилност во намалување на нефункционалните кредити, притоа значително подобрувајќи ја покриеноста на кредитните портфолија со резервации. Тоа резултираше со импресивна нето добивка од 56 милиони евра, за 47% повисока во споредба со 2022 година.

Стопанска банка, исто така, бележи највисок раст на кредитирањето меѓу големите банки, зголемувајќи го портфолиото за 7,5% на ниво од 1,5 милијарди евра, а во паралела бележи и раст на депозитите за 6,4%, зголемувајќи го нето-капиталот на 418 милиони евра – најсилен основен капитал во банкарскиот сектор, што останува во поддршка на амбициозните планови за раст и за профитабилност на Банката во иднина“.

Ваквите перформанси, додава, произлегуваат од силните резултати во сите изминати години, „со што уште еднаш потврдуваме дека банката е многу здрава и солидна организација, со докажан бизнис-модел и стратегија“.

Скопската Стопанска банка годинава ја одбележува 80-годишнината од своето постоење. Традицијата и уникатноста, вели Николетопулос, ја издвојуваат од другите банки на пазарот.

„Осумдесет години Стопанска банка работи во синергија со општеството, со секое семејство, со поединец или со компанија во секој дел од земјава. Ова кажува многу за значењето на брендот за заедницата, за економијата и за целава земја. Тоа е е оставина што не е лесно да се постигне, меѓутоа перформансите и целокупното присуство на банката изминативе години не само што ја одржуваат оставината туку и дополнително го зајакнуваат брендот, претставувајќи во исто време и голем мотиватор, но и ‘лепакот’ што го држи нашиот тим заедно“.

Освен тоа, наведува уште еден значаен факт кој ја издвојува Стопанска банка од другите, а тоа е што речиси 25 години е дел од силна, модерна и истрајна групација – НБГ. За НБГ вели дека е една од најстарите банки и најсилните брендови во регионот со 183 години присуство на банкарските и на финансиските пазари. Која, поради длабоката криза во Грција, како и сите други грчки банки, морала да спроведе сериозна програма за реструктурирање. Но, и покрај тоа, акцентира, групацијата заживеа и комплетно се промени, поминувајќи низ длабока реорганизација за денес да прерасне во модерна, динамичка, доверлива и здрава организација со одлични перспективи

„Меѓутоа, дури и низ најтешките премрежја остана да биде посветен стратешки инвеститор на Стопанска банка. Со таков инвеститор покрај нас можеме да ги оствариме нашите планови и амбиции: од иновативни производи и услуги, до подобри работни услови и услови за унапредување на вработените, корпоративно управување, споделување на вредни искуства итн“.

И покрај конкуренцијата која се зголемува, смета дека Стопанска банка има значајно присуство на пазарот, што се одразува преку пазарното учество и кај корпоративното и кај банкарството за население.

„Во сегментот население, банката продолжува да биде лидер на пазарот преку понудата ориентирана кон потребите на клиентите, но и преку нагласената советодавна услуга од нашиот продажен кадар на крајните корисници во процесот на носење финансиски одлуки. Дополнително, согласно стратегијата, изминативе години остварувавме и највисок раст во корпоративното кредитирање, докажувајќи ја на тој начин посветеноста на банката да биде клучен и доверлив партнер на деловната заедница и еден од најзначајните столбови во економијата“.

Николетопулос е на мислење дека генерално, банкарскиот систем е во добра позиција и може да издржи големи предизвици. Стабилен е и безбеден и можеби е во најдобра кондиција спореден со другите системи во земјата. Сепак, напоменува, и покрај тоа што банкарството е клучен столб во креирањето на деловното окружување, тоа истовремено го мери пулсот на добрите и на проблематичните аспекти на економијата.

„Во таа смисла, можностите и ризиците на банкарството се директно поврзани со севкупните текови во земјава и во економијата при што главните прашања во сегашната ситуација се поврзани со општото окружување (политичко, институционално итн.) кое од многумина е перцепирано како не баш позитивно. Имено, тука е слабиот импулс за нови проекти и инвестиции во нови технологии за производство на производи/услуги со долгорочна и одржлива перспектива, потоа пренасочувањето на приватните инвестиции речиси целосно кон недвижности и градежништвото како локомотива на економијата, додека бележиме континуиран одлив на најдинамичниот дел од граѓаните кои емигрираат во странство“, вели во интервјуто за „Економија и бизнис“ првиот човек на Стопанска банка АД Скопје.

Целото интевју е достапно на: Стопанска Банка – Мега интервју со г. Диомидис Николетопулос, Генерален извршен директор и Претседател на УО (stb.com.mk) ()