Актуелно 11.08.2018 12:47

Директорката на хематологија му дала 3 милиони евра тендери на својот татко- Филипче вели дека нема никаква врска со набавките

Директорката на хематологија му дала 3 милиони евра тендери на својот татко- Филипче вели дека нема никаква врска со набавките

Основното Јавно Обвинителство утринава објави дека по допрен глас ќе формира случаи за делењето на тендери од Министерството за здравство и Јавните здравствени установи. Како што соопштуваат од ОЈО, против Филипче ќе се отвори случај за тендерот од 36 милиони евра за реагенси, кој Економски Лидер го отвори на 20 јули, но и за случајот со 24,6 милиони денари доделени во четири очи – кој повторно беше објавен од Лидер, минатата недела.

Инспирирани од оваа брза реакција на ОЈО, отвораме нова мега-афера, во која институцијата која ја води докторката Ирина Пановска – Ставридис, доделила 3 милиони евра на веледрогеријата „д-р Пановски“, која е во сопственост на таткото на Пановска. Во случајот кој го откриваме има огромни пропусти, документи без датум, но и потпишувања во туѓо име.

(На крајот од текстот можете да ги погледнете документите за случајот)

пишува: Љупчо ЗЛАТЕВ за лидер.мк

Три тендери, со вкупна вредност од 185 милиони денари или нешто над 3 милиони евра се доделени во периодот од септември 2017 до мај годинава од Клиниката за хематологија на веледрогеријата „д-р Пановски“.

Се работи за класична злоупотреба на службената положба, барем така сличните случаи ги дефинираше анти-корупциската комисија, доколку се има предвид дека веледрогеријата е во сопственост на Златко Пановски, татко на директорката на клиниката која ги доделила тендерите Ирина Пановска Ставридис.

На сајтот на Бирото за јавни набавки се прикажани сите три договори помеѓу ЈЗУ Клиника за хематологија и веледрогерија „д-р Пановски“, но документите за две од трите постапки се кријат како најстрого чувана тајна и не е можно да се стигне до нив, веројатно за да не се види како на едната страна е потпишана ќерката, а на другата таткото.

Бирото за Јавни набавки крие два од договорите помеѓу ЈЗУ Клиника за хематологија и веледрогерија „д-р Пановски“.

Друг потпишувал во име на Пановска

За да нема потреба договорот да се крие од јавноста, за последниот договор кој е потпишан на 25 мај годинава, директорката Пановска овластила други потписници на страна на клиниката. Па, во договорот стои дека „За медицинскиот директор“, потпишуваат претседателот на управниот одбор Д-р. Мартин Ивановски и Организацискиот директор Маја Деменџиев.

Непозната пракса: Претседателот на управниот одбор и организацискиот договори Организацискиот директор потпишуваат во име на директорот на клиниката

Ваквата пракса, воопшто не ја амнестира Пановска од одговорност, ако се знае дека сепак двајцата потписници потпишуваат во нејзино име, но, во исто време со тоа стануваат дел од организираната мрежа која ја овозможува оваа злоупотреба на јавната положба.

Со овој договор од институцијата на Пановска на веледрогеријата на Пановски и се доделуваат 133 милиони денари или околу 2.2 милиони евра за набавка на лекови. А она што е симптоматично е тоа што на договорот освен потпис од Ирина Пановска Ставридис, нема ниту датум. Што отвора простор за анти-датирање, кое е кривично дело.

Договорот со кој се доделуваат над 2 милиони евра, нема датум!

На страницата стои дека Пановски имал најдобра понуда од сите останати 5 апликанти на тендерот, но во целата постапка фали техничката документација, за која се отвора сомнеж дека ги фаворизира лековите за кои претставник во Македонија е веледрогеријата „д-р. Пановски“, исто како што беше детектирано во случајот со набавката на реагенси за лабораториите низ цела Македонија, која требаше да вреди 36 милиони евра, но по пишувањата на Економски Лидер и јавниот притисок – набавката беше стопирана.

Љубов и многу пари!

Не е тајна дека министерот Венко Филипче е во блиска врска со директорката на хематологија. Непосредно пред неговото поставување на функцијата, порталот МКД.МК објави дека Пановска е всушност девојка на тогаш предлог-министерот.

-Ако Филипче стане министер за здравство, тоа ќе го отвори прашањето за сериозен конфликт на интереси со неколку негови најблиски луѓе. На пример, по социјалните мрежи се објави дека девојката на Филипче, Ирина Ставридис Пановска е директорка на хематологија. Компанијата „Пановски“ со години е еден од најсериозните снабдувачи со лекови на македонското здравство, а особено на државните клиники со цитостатици.– пишуваше МКД.МК.

Ова не е прв пат преку фамилијарна врска „д-р Пановски“, да заработува од државните институции. Во 2006та, кога СДСМ беше на власт, неговата сопруга Снежана Смичковска беше директорка на клиниката за онкологија и се одвиваа слични шеми.

Сепак, на крајот, се чини дека „капo ди тути капи“, во целата оваа приказна е министерката за одбрана Радмила Шекеринска, затоа што таа е приватно блиска пријателка со Ирина Пановска, но беше и главен лобист за Венко Филипче да стане министер за здравство.

Прилози:

Договор за набавка од над 2 милиони евра од др. Пановски – https://drive.google.com/file/d/1TghEJ2sS9kJLARM0QKti-JTLVPDrDy8o/view?usp=sharing

Текстовите поради кои утринава ОЈО отвори истраги за министерот Филипче:

Линк 1

Линк 2

Филипче за Лидер: Немам никаква врска со набавките од „д-р. Пановски“! – таму одговорноста е на клиниките

Министерот Филипче и Министерството за здравство немаат никаква врска со набавките во четири очи со веледрогеријата „д-р. Пановски“ од страна на клиниката за онкологија и радиологија – тврдат од кабинетот на министерот во реакцијата која пристигна до редакцијата на Економски Лидер.

За случајот, кој минатата недела го откри Економски Лидер, вчера постапка отвори Основното Јавно Обвинителство, кое најави дека ќе истражува за можен организиран криминал за набавките во четири очи од 24.6 милиони. ОЈО ќе истражува и потенцијална вмешаност на министерот Филипче, кој покрај за ова, под истрага е и за тендерот од 36 милиони евра за централизирана набавка на реагенси.

Филипче пак, во реакцијата која пристигна до редакцијата на Лидер, вели дека и документите кои ги објавивме потврдуваат дека тој нема никаква вмешаност со набавката веледрогеријата „д-р. Пановски“.

-Во врска со наводите изнесени во текстот, Министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче во целост се оградува од содржината. За сето наведено, министерот нема ниту мандат ниту каква било поврзаност, од причина што јавни набавки на лекови како и интервентни набавки на лекови за потребите на јавните здравствени установи се спроведуваат согласно потребата на секоја установа одделно, односно постапките се во целост децентрализирани. Впрочем, тоа е евидентно наведено и во самиот предметен текст, односно во приложените документи на текстот. – стои во реакцијата која пристигна од кабинетот на Филипче.

Документите кои ги објави Економски Лидер покажуваат дека веледрогеријата „д-р Пановски“, во периодот примила 24.6 милиони денари или 400.000 евра без притоа за набавките да се распише тендер. Со овие набавки евидентно е дека постои интенција да се заобиколи законот за Јавни набавки со кој е предвидено за овие суми да се распише тендерска постапка и аукција.

Од институциите се правдаат дека се работи за интервентни набавки, но ситнењето на истата набавка на повеќе месеци, покажува дека намерно се склучуваат договори во четири очи. Што според законот е кривично дело.

Ќерката директорува, таткото заработува милиони

Веледрогеријата „д-р Пановски“ е во сопственост на Златко Пановски, кој е овластен потписник на сите договори. Пановски е татко на Ирина Пановска Ставридис, директорка на Клиниката за хематологија, назначена од Министерот за здравство.

Во пракса се покажува дека додека ќерката директорува, таткото заработува милионски цифри од здравствените установи кои ги водат нејзините колеги. Во исто време, симптоматично е што Пановска важи за блиска пријателка на министерот Филипче со кој не го кријат пријателството и заедничките појавувања во јавност а веледрогеријата на нејзиниот татко е и официјален спонзор на владејачката СДСМ.

Ирина Пановска – Ставридис, директор на Клиника за хематологија

Укинувањето на Советот за јавни набавки, што беше една од првите реформи кои ги донесе владата на СДСМ, отвори токму можност за вакви активности. Сека повторно, како некогаш, се доделуваат милионски суми без тендерска постапка.

Листата на склучени договори и сумите за истите со веледрогеријата „д-р. Пановски“:

1.Договор за набавка на лекови RITUXIMAB склучен со ЈЗУ Клиника за Реуматологија на ден 24.04.2018 година во вкупен износ од 5.250.000,00 денари;

2.Договор за набавка на кеси за земање на крв склучен со ЈЗУ ИНСТИТУТ ЗА ТРАНСФУЗИОНА МЕДИЦИНА НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА СКОПЈЕ на ден 15.05.2018 година во вкупен износ од 4.859.712,00 денари;

3.Договор за набавка на Вемурафениб таблети 240 мг склучен со ЈЗУ Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија на ден 19.03.2018 година во вкупен износ од 5.700.000,00 денари;

4.Договор за набавка на Вемурафениб таблети 240 мг склучен со ЈЗУ Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија на ден 16.03.2018 година во вкупен износ од 2.100.000,00 денари;

4Договор за набавка на ВЕМУРАФЕНИБ таблети 240 мг склучен со ЈЗУ Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија на ден 11.01.2018 година во вкупен износ од 4.095.000,00 денари;

5Договор за набавка на лекови склучен со ЈЗУ Клиничка болница Битола на ден 13.02.2018 година во вкупен износ од 151.200,00 денари;

6Договор за набавка на инсулин склучен со Министерство за здравство на ден 27.12.2017 година во вкупен износ од 2.500.000,00 денари;

Договори во четири очи, истиот лек, со три различни цени!

Нашето истражување за набавките во четири очи со веледрогеријата „д-р Пановски“ покажува дека најсомнителните договори ги потпишувал директорот на Универзитетската клиника за радиологија и онкологија д-р Никола Васев.

Васев склучил 3 договори во четири очи во само 3 месеци за набавка на лекот Вемурафениб а во сите три договори единечната цена на бараните таблети е различна и единствена причина за спроведување на ваков вид на постапка е причини од крајна итност.

др. Никола Васев, директор на Универзитетската клиника за радиологија и онкологија

Ова наведува на заклучок дека користењето на овој вид постапка не е оправдување бидејќи станува збор за очигледен пропуст на Институтот, кој бил должен да го планира, како количеството, така и очекуваниот почеток на јавната набавка, за да не се доведе во ситуација да има недостаток на потребната количина на лекови и како последица на тоа да користи нестандардни постапки коишто треба да бидат исклучок, а не правило.

Договорите се склучувани без преговори, односно, веледрогеријата „д-р. Пановски“, дава цена која клиниката ја прифаќа. Не постои аукција, ниту пак прибирање на понуди од други компании.

Сомнителни се и самите единечни цени коишто се постигнати, односно „наметнати“ од „д-р Пановски“, а кои варираат во секоја од спроведените постапки иако се работи за ист вид на стока (Вемурафениб таблети 240 мг).

Согласно првиот договор, цената за едно пакување, без ДДВ изнесува 696,4 денари.

Во вториот договор, за следниот месец, цената расте и едно пакување на Вемурафениб чини 728,86 денари.

Цената за едно пакување од истиот лек, еден месец подоцна станува 885 денари.

Ова говори за евидентно оштетување на буџетот, ако се има в предвид дека цената за еден ист лек за само три месеци се зголемила за цели 200 денари. Пресметано во милиони, какви што се набавките, оваа разлика доведува во огромен профит за веледрогеријата д-р Пановски.

Во прилог трите сомнителни договори со „д-р Пановски“:

Договор 1 – https://drive.google.com/file/d/1vdsUYbUoPfx4_wyxAYRI_xDo-8uDIQWD/view?usp=sharing

Договор 2 – https://drive.google.com/file/d/13cAlOE8xXBFoCBu_30TZKudJA6keGcM9/view?usp=sharing

Договор 3 – https://drive.google.com/file/d/1m_uhuU5dvX_X1L2Ss7_OIqU56sWZfuhr/view?usp=sharing