Економија 06.02.2019 17:49

До харизма со трикови на актери и политичари

До харизма со трикови на актери и политичари

Никој не ја препознал во возот, но штом излегла, ја расплела косата, нафрлила насмевка и заземала карактеристична поза. Сите веднаш сфатиле дека тоа е Мерилин Монро.

“Спартанци! Подгответе појадок и најадете се. Бидејќи вечерва ќе вечераме во пеколот“!, им се обратил спартанскиот крал Леонида на своите војници пред битката против Персијците покрај Термопил 480 година пред Христа. Во нерамноправна борба загинале сите 300 Спартанци, но не пред да убијат 20.000 персиски воини. Леонида беше еден од првите историски личности кои отелотворуваат харизматичен лидер.

Сите тие го следеле, иако знаеле дека никој нема да избега од смртта. Харизматичните луѓе се способни да привлечат внимание, фасцинираат и да ги инспирираат и мотивираат другите за акција. Харизма е карактеристика која ги одделува Маргарет Тачер од Џон Мејџор, Ј. Ф. Кенеди од Џорџ Буш, Фреди Меркјури од стотици имитатори. Харизмата отсекогаш била опкружена со превез на тајност, но во последните три децении, психолозите добиле увид во карактеристиките од кои се состои.

Тие вклучуваат самодоверба, оптимизам, топлина, насмевка, експресивен говор на телото и длабок, пријателски глас. Харизматиците не се сомневаат во квалитетот на своите одлуки. Храбро ги изразуваат ставовите дури и ако тие се контрадикторни со постоечката општествена клима. Влеваат доверба и ги наведуваат другите да ги следат – понекогаш и слепо. Тие се одлични наставници и ментори. Ги пренесуваат своите знаења и вештини на следбениците и наведуваат да се чувствуваат како дел од целината.

– За харизмата е можно да се создадат различни ставови и дефиниции, но најчесто станува збор за харизма со која се одликуваат луѓе кои се автентични, кои живеат во согласност со својот систем на вредности, приоритети и интереси, без потреба за следење на трендови – рече психологот Петра Малешевиќ од Загреб. Но, некои психолози тврдат дека е можно да се зголеми харизмата со учење и вежбање.

Покојниот извршен директор на Apple, Стив Џобс, беше познат по силен личен магнетизам, но не беше негов вроден, туку научен, вели Olivia Fox Cabane, која држи курсеви по харизма за менаџери на најголемите компании како Google и Deloitte.

Ако ги проучите снимките од неговите настапи од 1984 година, ќе видите дека со текот на годините напредувал во однос на самодовербата, држењето и топлината на гласот. Кога во 1984 година јавно го претставуваше Macintosh, Џобс поголемиот дел од времето стоел зад говорницата читајќи од белешките, не остварувајќи никаква комуникација со публиката.

– Сетете се на неговите стуткани раменици и чести погледи кон чевлите. Изгледал срамежливо, трапаво – вели Фокс.

Околу 1996 година слободно се движи по сцената, со чувство на самодоверба. Зборувал без проблеми, гледал кон публиката и одговарал на прашањата. Но, сѐ уште изгледал многу трапаво и вкочането. Тој често се користел со гестови и ги полнел растојанијата помеѓу реченици со “ех” и “ах”.

– Кога 2000 година се вратил како извршен директор на Apple и го претставил новиот мобилен телефон, бил шоумен. Владеел со сцената. Неговиот говор бил внимателно разработен. За време на презентацијата, користел театарски техники и магионичарски трикови. Стоел во црн џемпер пред црна позадина и од црна кеса извадил нов бел мобилен телефон како кога магионичар извлекува бел зајак.

Се раскажува дека Барак Обама на приемите му се посветува на соговорникот како да е единствен во салата. По тоа американскиот претседател, се издвојува од поголемиот дел од возрасните, кои се често отсутни со духот, и не се целосно посветени на задачата ниту со лицето со кое разговараат. Но, не е доволно да се глуми внимание, бидејќи ќе ве издадат бавните реакции.

Бидејќи мозокот ги чита изразите на лицето за 17 милисекунди, соговорникот ќе почувствува дека вашите мисли талкаат и ќе заклучи дека го игнорирате. За да соговорникот во Вашето присуство се чувствува посебно, изразете го вашето целосно внимание и фокусирајте се на неговите зборови.

Друга техника за зголемување на присуството се однесува на говорот на телото. Насочете го телото и погледот кон соговорникот. Воспоставете контакт со очите, обрнете внимание на бојата на ирисот и раширеноста на зениците. Повремено тргајте го погледот на другите делови на лицето да не помисли дека зјапате.

Несоодветен говор на телото укажува на недостаток на интерес. Ако нашите раменици се свртени спротивно од соговорникот или се вртиме погледнувајќи назад во оној кој влегол во просторијата, другата страна ќе насети дека не сме целосно присутни и дека не се грижиме за неа. На присуството додадете му квалитет на моќ и топлина. Од харизматичните луѓе принцезата Дијана зрачеше со нагласена емпатија, а Маргарет Тачер претежно зрачеше со моќ, но најхаризматичните ги поседуваат и двете квалитети.

Со тоа оставаат впечаток дека имаат голема моќ, но и дека тие се грижат за вас. Околината ќе ве доживее моќно ако за вас имаат претпоставка дека сте важни и влијателни. Некои луѓе дејствуваат силно заради богатството, социјалниот статус или физичката сила. Сепак, можете да создадете слика на моќ и без тие квалитети ако емитувате соодветни невербални знаци, како што се држење на телото, гласот и облека.

Научниците откриле дека харизматичните луѓе и човеколиките мајмуни, заземаат многу простор за да го покажат својот карактер. Усвојте ја моќната поза така што ќе застанете со раздвоени нозе, исфрлени раменици, грбот исправен и високо крената глава, советува Fox Cabane. Истражувањата покажале дека заземањето таков став го зголемува расположението и самодовербата и ја намалува анксиозноста.

Длабокиот глас делува похаризматично од високиот, утврдиле истражувачите од Калифорнискиот универзитет во Лос Анџелес. Пониските фреквенциии одаваат авторитет и сигурност, а повеќе укажуваат на слабост и попустливост. Препознајте кога е соодветно да се зборува и кога да се молчи и да се слуша. Доминирањето во разговор може да создаде чувство на самоувереност и агресивност. Понекогаш кимнете со главата кога соговорникот ќе изнесе нешто важно. Не потврдувајте со кимање на главата секоја замисла, но не се држете ниту вкочането.

Харизматиците не се нужно популарни меѓу блиските. На пример, Стив Џобс многу колеги и соработници го мразеле поради грубоста и цинизмот, за што јавноста дознала дури по неговата смрт.

Наставниците по харизма редовно ги предупредуваат клиентите да не ја злоупотребуваат својата новооткриена способност. Лов на богатство и влијание со помош на измама и заплашување често завршува лошо за безобѕирниот харизматик, вели Fox Cabane. Харизмата е најсилна кога присуството и моќта се поврзани со вистинска топлина и искреност, затоа што тоа е карактеристика на големите луѓе.

Ги маѓепса минувачите
Според Olivia Fox Cabane, харизмата може не само да се научи, туку, исто така, да се вклучува и исклучува по своја волја. Постои способност, која ја имала легендарната актерка Мерлин Монро. Симпатичната русокоса 1955 година патувала со њујоршкото метро во друштво на неколку новинари. Иако таа не била преправена ниту прикриена, ниту еден од придружниците не ја препознал затоа што се држела повлечено и ладно.

Кога се симнала од возот и стапнала на тротоарот, го прашала едниот новинар: “Дали сакате да ја видите вистинската Мерилин?” Потоа ја распуштила косата, ставила насмевка и зазела актерска позиција. Набљудувачите посведочеле дека во тој момент од неа потекла магија. Минувачите, кои до тогаш не обрнувале внимание на нејзиното присуство, ненадејно станале свесни дека пред нив е холивудската дива.
Вродена или стекната?

Многумина харизмата ја сметаат за дар со која се благословени неколку среќници. Нејзиното име доаѓа од грчкиот harisma (“Божја милост”), што одразува уверување дека тоа е нешто вродено, а не стекнато. Петра Малешевиќ се согласува со тоа.

– Мислам дека харизматичните луѓе се верни на својата природа и не се преучени да се однесуваат или облекуваат на одреден начин. Она што ги прави харизматични само е следење на сопствените карактеристики, без потреба да бидат различни.
Во согласност со својата природа

Харизматичните луѓе се способни да управуваат со големи проекти и добро се опоравуваат од неуспехот.

– Нивниот систем на вредности е многу цврст. Храброст да се биде во согласност со својата природа е привлечна за многумина, бидејќи повеќето, во согласност со природата на човекот, се обидуваат да бидат добро вклопен член на групата. Затоа луѓето кои имаат харизма изгледаат посебно – вели психологот Петра Малешевиќ. Американецот Dale Carnegie напишал прирачник за влијанието на луѓето кој е продаден во 15 милиони примероци.