Американскиот производител на авиони „Боинг“ доби договор вреден 3,9 милијарди долари за изработка на два нови авиони од типот 747-8, кој ќе ги користи американскиот претседател, објавија официјални претставници.
Авионите познати како Air Force One би требало да бидат испорачани до декември 2024 година, а ќе бидат во боите на американското знаме.
Претседателот Доналд Трамп најпрво се противеше на иницијалниот договор меѓу „Боинг“ и Белата куќа во вредност од четири милијарди долари, и преку „Твитер“ повика на откажување на договорот додавајќи дека трошоците се надвор од контрола.
Авионите на „Боинг“ се дизајнирани да летаат и во најлоши услови, како на пример во случај на нуклеарната војна и опремени се со голем број одбранбени системи.
Трамп во интервју за Еј-би-си во вторникот рече дека новите модели на претседателски авиони ќе бидат обновени однатре, но и однадвор ќе се разликуваат од актуелните со бело-сина боја, кои потекнуваат од времето на претседателот Џон Кенеди.
„Црвено, бело и сино“, рече Трамп. „Air Force One ќе биде неверојатен. Тој ќе биде најдобриот во својата категорија, најдобар во светот. И ќе биден обоен со црвена, бела и сина боја, токму како што треба“, додаде тој.