Дека состојбата со градежништвото во Македонија е во незавидна положба потврдува и последниот извештај на Државниот завод за статистика. Продолжува трендот на намален број на издадени одобренија за градба. Работата на градежниците во делот на високо градба им стагнира во време кога се помалку домашни компании добиваат работа од државата да бидат главни изведувачи на крупни капитални проекти. Бизнисмените од овој сектор се жалат дека голем број на работници си заминуваат во странство, а пак синдикалните организации од овој сектор стравуваат дека условите во кои работат градежните работници допрва ќе се влошуваат.
Во јуни годинава се издадени само 242 одобренија за градба а тоа претставува намалување за речиси 15 отсто во споредба со истиот месец лани. Ова намалување е сериозно ако се земе фактот што месец јуни е еден од најповолните месеци за работа во градежништвото. Затоа загрижува фактот што континуирано, со месеци се намалува бројот на издадени одобренија за градба.
„Според издадените одобренија за градење, предвидената вредност на објектите изнесува 5 106 868 илјади денари, што е за 38.4 % повеќе во однос на истиот месец од претходната година. Од вкупниот број издадени одобренија за градење, 115 (47.5 %) се наменети за објекти од високоградба, 66 (27.3 %) за објекти од нискоградба и 61 (25.2 %) за објекти за реконструкција. Од вкупно 242 објекти, на 117 (48.3 %) како инвеститори се јавуваат физички лица, а на 125 (51.7 %) објекти инвеститори се деловни субјекти. Во извештајниот период е предвидена изградба на 530 станови со вкупна корисна површина од 44 252 м2.“, се наведува ви извештајот на ДЗС.
Од градежниот сектор апелираат владата да се сети и на нив, и да започне да ги вклучува во изградбата на капитални инвестиции како главни изведувачи. Од комората прашуваат како е можно македонските градежни фирми да добиваат работа како главни изведувачи во странство а да не бидат капацитетни во сопствената држава. Поради намалениот обем на работа ликвидноста на градежните фирми е на лошо ниво и тие не се во можност да го следат трендот на зголемување на платите што се случува во дел од поголемите индустрии. Поради тоа од Градежната комора за Денар велат дека голем дел од градежните работници заминуваат од Македонија и веќе работат во странство.
„Градежниот сектор веќе подолг временски период има проблем со стручен кадар, пред се инжењери, градежни техничари, и квалификувани градежни работници. Тоа се должи пред се поради тоа што во последниов период или во последниве 5-6 години ние како сектор немавме некоја поголема градежна експанзија. Нуту во делот каде што инвеститор е државата или пак приватните фирми во делот на високоградбата. И сето тоа е само рефлексија која дополнително создава притисок да ние во моментов се соочуваме да бидеме од држава која што бевме градежно препознаена во делот на квалитена градба и професионален кадар, да се воведеме во позиција да не можеме и сопствените проекти да ги извеземе“, велат од Градежната комора.
Според податоците кои ги добивме во земјава недостасуваат околу 10 илјади градежни работници. Во моментов на македонските градилишта работат околу четири илјади работници од странство.