Актуелно 19.10.2023 10:54

Домашните компании на мака да најдат вработени, бараат да се дозволи поголем „увоз“ на работници од странство

Домашните компании на мака да најдат вработени, бараат да се дозволи поголем „увоз“ на работници од странство

На крајот на август во Агенцијата за вработување како невработени фигурираа 104.729 лица. Во време кога огромен број од домашните компании се мачат да најдат вработени, кога работници тешко се наоѓаат не само за некои квалификувани струки, туку и за профили како продавачи, магационери, келнери, шанкери, хигиеничари и слично, ваквата бројка на невработени укажува на две работи – или дека голем број од оние со образование не сакаат да работат ништо друго што не е врзано за нивната струка или чекаат вработување исклучиво во радот вокој живеат. Или, што е реалност, луѓето некаде работат и се водат само на хартија како невработени.

Во земјава има голем број млади кои своите ИТ вештини ги користат за работа онлајн, најчесто за странски компании и нивниот број од ден на ден расте. Освен програмерите, така работат и графички дизајнери, но и многу млади со најразлични образовни профили кои работата дигитален маркетинг, шпедиција, нарачки, аналитичари на податоци или се регрутери за нови вработувања и најразлични други професии. Бројот на ваквите вработувања секако се повеќе ќе расте.

Но исто така сосема е јасно дека многу од невработените, особено оние со занимања како електричари, молери, водоинсталатери, плочкари и слично или работат приватно, или се некаде во странство, било како сезонски работници, било како трајно вработени.

Токму затоа последниве години сè повеќе се отвора темата за потребата од поголем „увоз“ на работници од странство, односно за зголемување на квотата на странски работници, која сега изнесува 5.000. Да се либерализира пазарот на трудот и да се овозможи повеќе работа за странци бараат од стопанските комори, а тоа го бараат и странските инвеститори. Недостигот на работници особено е изразен во градежништвото и туризмот, но исто така и слободните индустриски зони се соочуваат со овој проблем.

„Проектот кој планиравме да го завршиме за две години, еве го „завршуваме“ веќе четврта година“, велат од една голема странска градежна компанија. Оттаму додаваат дека нема градежници, армирачи, молери, плочкари и многу други профили, што ги приморува да го забавуваат работењето.

„Кога ќе побараме работници од Агенцијата за вработување за одреден профил, добиваме список на лица кои таму се водат како невработени и вртиме телефони. Сите до еден или работат веќе некаде, на некои објекти, или се во странство“, објаснуваат од компанијата од која велат дека повеќе пати досега апелирале кај надлжните да се зголеми квотата на странски работници.

„Не се работи за тоа дека не сакаме да ангажираме Македонци, дека странците се поевтини или нешто сличо, туку едноставно во Северна Македонија нема работници од профилите кои нас ни се потребни. Ова доведува до пролонгирање на работите, а тоа носи и загуби“, децидни се од компанијата.

Надлежните сè уште се двоумат околу потребата од зголемување на квотата на странски работници во настојување да се искористи домашната работна сила. Оттаму, се прават обиди за преквалификации за одредени профили кои се потребни на стопанството. Но, тоа секако нема да го реши проблемот. Од причина што голем дел од оние што прифаќаат преквалификации, тоа го прават за да можат потоа да заминат во странство.

„Имам завршено факултет и во струката работев неколку години. Но платата, каде и да отидев, е ниска. Затоа решив да прифатам платена преквалификација што се организира преку Агенцијата за вработување. Знам дека има недостиг на такви профили“, вели Марко Т. Од Скопје. Објаснува дека по завршената обука која трае три месеци, има обврска да остане шест месеци во фирмата каде се врши обуката. Но додава дека по тој период ќе види што понатаму.

„Работата не е лесна. Затоа, ако не добијам добра плата, ќе заминам надвор од земјата. Ќе имам и сертификат и искуство и лесно ќе најдам работа во Германија каде се бара овој профил на вработени“, заклучува Марко.

Недостигот на работници е проблем на цела Европа. Па и во регионов. Хрватска на пример, со влезот во ЕУ, доживеа масовна „преселба“ на своите вработни кон западните земји. Славонија, но и Далмација останаа испразнети. Затоа мораше да дозволи прилив на вработени од други земји, а оваа бројка од година во година е се поголема. Според податоците на хрватското Министерство за внатрешни работи, лани на хрватскиот пазар на труд нова дозвола добиле или ја продолжиле 124.121 лице, што е за 42.166 повеќе од 2021 година.

Во 2022 година во Хрватска работеле 36.783 државјани на Босна и Херцеговина, 19.176 државјани на Србија, 12.222 Непалци, 10.053 Македонци и 8.979 државјани на Косово.

Меѓу најбројните странски работници се и државјани на Непал, Бангладеш, Индија, Филипини и Украина.

Најбарани занимања се ѕидар, келнер, столар, градежен работник и готвач.