Банкарство 07.11.2023 13:17

Доновска-Гечева од НБ: Банките се должни да ги информираат граѓаните за надоместоците

Доновска-Гечева од НБ: Банките се должни да ги информираат граѓаните за надоместоците

Преку информативен документ за надоместоците за платежни услуги, со податоци во стандардизирана форма, банките и штедилниците, односно сите даватели на платежните услуги, се должни да ги информираат граѓаните за трошоците што им ги наплаќаат. Ова е пропишано со новиот Закон за платежни услуги и платни системи, како и со подзаконските акти, со кои значително се зајакнува заштитата на потрошувачите и транспарентноста кон нив, посочи Биљана Доновска-Гечева, самостојна советничка во Дирекцијата за платни системи при Народната банка, во гостувањето на националниот сервис МТВ.

Доновска-Гечева истакна дека со новата регулатива јасно и прецизно се пропишуваат дури и навидум неважните елементи во обраќањето на банките кон граѓаните. Исто така, секогаш кога има промена во некој од условите, давателите на платежните услуги мораат да ги информираат граѓаните на соодветен начин. „Од информативниот документ, кој е стандардизиран, граѓанинот ќе ги дознае сите услови поврзани со платежните услуги и ќе одлучи со која банка ќе склучи договор, според сопствените потреби“, вели Доновска-Гечева.

За да им е полесно на граѓаните да ги споредат надоместоците за платежните услуги од различни банки, банките се обврзани да ги доставуваат информативните документи за надоместоците и до Народната банка која, пак, изработи алатка што овозможува лесен пристап и споредба на сите информативни документи на едно место.

„Алатката може да ја најдете на воведното мени на веб-страницата на Народната банка, како и во делот којшто го наменивме за заштитата на потрошувачите. Алатката е исклучително лесна за употреба, а има и куси објаснувања за начинот на користење. Подготвуваме и краток видеозапис, за да може граѓанинот полесно да се информира за оваа мошне корисна алатка“, нагласи Доновска-Гечева и објасни дека на тој начин им се олеснува на граѓаните како потрошувачи, при изборот на банката и на услугите кои најмногу им одговараат.