Актуелно 20.02.2020 16:50

ДРСКОСТА НА ЈСП: Ја загрозија безбедноста на граѓаните, па сега се закануваат и ЛАЖАТ

ДРСКОСТА НА ЈСП: Ја загрозија безбедноста на граѓаните, па сега се закануваат и ЛАЖАТ

Откако вчера КУРИР објави вест под наслов „Автобус на ЈСП во очајна состојба, ризик за патниците и минувачите“  денес реагираат од ЈСП.

Но, реакцијата не е таква каква што очекуваат граѓаните, па и ние како новинари. Текстот на КУРИР беше објавен со цел ЈСП да се свести и конечно да посвети внимание за грижата на патниците.

Тоа што ЈСП го превзема е ПЛАСИРАЊЕ НА ГОЛЕМА ЛАГА.

Имено, соопштението на ЈСП кое денес како демант стигна до нашата редакција е безобразен обид да се изманипулира јавноста, а тоа да се префрли на грбот на нашиот медиум. Не е прв пат од страна на нивниот сектор за односи со јавност да добиеме дрзок одговор, но досега не сме реагирале!

-Во конкретниов случај, станува збор за фотографија стара речиси 8 месеци! Автобусот на фотографијата се упатува во СВР Скопје на вештачење. Фотографираниот автобус е еден од двата автобуса кои превезуваа навивачи на полската фудбалска репрезентација кои МВР ги приведе и одвезе на распит, не со марици, туку со две наши возила, по дивеење во Градски парк. Настанот се случи на 7.06.2019 години два часа пред почетокот на квалификацискиот фудбалски натпревар на македонската и полската репрезентација. Искршената врата на автобусот е резултат на дивеењето на приведените навивачи и во автобусот, пишува во соопштението на ЈСП кое денес пристигна до нашата редакција.

И, почитувани читатели, замислете, откако во денешното соопштение ЈСП тврди дека објавуваме стара слика, што ве уверуваме дека не е вистина, на крај ни се закануваат и со тужба. Во меѓувреме, имаат и обид да ни одржат лекција по новинарство со што директно се вмешуваат во содржината која се објавува на КУРИР, но најдобро би било да се посветат на својата, а не на нашата работа.

-Во интерес на понатамошна професионална и коректна соработка, за која сме постојано отворени во секој поглед, бараме овој демант да биде објавен во целост. Во спротивно, ќе бидеме принудени да ги преземеме сите правни дејствија во интерес на вистината, ни порачуваат од ЈСП.

Сега, порака до ЈСП имаме и ние.

Почитувани, НЕ ЈА ЗБОРУВАТЕ ВИСТИНАТА. Објавената фотографија е сликана вчера, во близина на Железничката станица во Скопје.

Подготвени сме да ви го доставиме мобилниот телефон од кој е фотографиран автобусот во очајна состојба, за кој треба да проверите кој дозволил да се движи по улиците и да претставува опасност по безбедноста на граѓаните!

Најдете стручно лице, нека направи проверка кога е создадена фотографијата. Откако ќе сфатите дека НА ЛАГАТА НОЗЕТЕ СЕ КУСИ, ќе им се извините ли на граѓаните? Нас не мора!

Вие, почитувани од ЈСП, по вчерашната вест на КУРИР сигурни сме дека сте направиле проверка. Уште посигурни сме дека вашиот дрзок демант го напишавте за да го тргнете прстот вперен кон вас бидејќи сте одговорни за очајната состојба на автобусите.

Тврдите дека нашата фотографија која е фотографирана вчера е стара 8 месеци. Бидејќи ние тврдиме дека фотографијата е направена вчера, а вие тврдите дека полските навивачи го демолирале автобусот во јуни минатата година, имаме многу поголем проблем од оној кој го објавивме вчера.

Значи, почитувани од ЈСП, не еден ден како што мислевме, туку цели 8 месеци ваков автобус сте пуштиле да сее страв за безбедноста на скопјани!

И.Ефремовски