Зошто училиштата да плаќаат струја по цена од берза? Па тие не се комерцијални правни лица чија цел е максимизација на профитот! Разочарувачки и иритантен е односот на високоплатените државни службеници кои ги креираат енергетските политики. Затоа што ниеден од тие одлично платени државни „чиновници“ не мрдна со прст за да ги изводи школите од пазарот на струја? За нив треба да има регулирана цена, да бидат „под државна капа“ исто како и домаќинствата, јавните болници и градските водовни претпријатија, објави Фактор. Тие што не мрднаа со прст, а се платени со народни пари овозможија „пљачка“ државниот буџет со тоа што не спречија школите да плаќаат струја по берзански цени.
Да биде иронијата поголема тендерот го доби државната фирма ЕСМ Продажба која освен што ќе наплаќа македонска струја по маџарска цена па и згора ќе наплати и 3,3% провизија! Да не заборавиме дека во ЕСМ, фирмата – мајка на ЕСМ Продажба, Владата во тек на енергетската криза вбризга повеќе од 100 милиони евра буџетски пари.
Осум основни училишта од Општина Центар ќе плаќаат струја по берзански цени и за тоа ќе издвојат до 885.000 евра. Нема фиксна цена на струјата ниту субвенции од државата за државните односно јавните училишта во земјава.
Дополнително разочарување е тоа што училиштата ќе плаќаат по цената на струја која е постигната на берзата ХУПЕКС во Унгарија и покрај тоа што повеќе од еден месец работи успешно и македонската берза за струја!
Најнов пример за индиспонираноста на надлежните државни институции е тендерот за набавка на струја за осум основни училишта во Општина Центар. Школите „Киро Глигоров“, „Коле Неделковски“, „Свети Кирил и Методиј“, „11 Октомври“, „Димитар Миладинов“, „Гоце Делчев“, „Јохан Ханјрих – Песталоци“ и „Кочо Рацин“.
Сите училишта заедно, под покровителство на Општина Центар распишале заеднички тендер за набавка на струја. Нормално, за да ги намалат трошоците. Затоа што друг избор и немале. Затоа што државата не им дава субвенции како што им дава на домаќинствата. На тендерот имало три понуди од кои најповолна била таа на државната компанија ЕСМ Продажба.
Зошто се шиканира Македонската берза за струја?
Дополнителен срам за сите надлежни инстанци е тоа што и покрај тоа што постои еден месец наназад Македонската берза за струја не е референтен извор на цени за продажба на струја. Тендерските постапки се прават така што како референтен извор за утврдување на цената е унгарската берза ХУПЕКС. Аргументот кога се воведе референтниот извор беше дека Македонија нема берза па затоа се зема за референтна цената на најликвидната регионална берза, а таа е ХУПЕКС. Еве од пред еден месец Македонија има берза, но уште никој не ги менува тендерските спецификации.