Земјоделците можат да поднесуваат барање за добивање под закуп на земјоделско земјиште до 3 хектари. Во 34 региони во 878 катастарски општини распишани се четири јавни повици распоредени во речиси во сите села низ државата. Закупот е со важност од 15 до 70 години во зависност од намената и од земјоделските култури.
Времетраењето на закупот за кое се издава земјоделското земјиште во државна сопственост за подигање на долгогодишни насади и оранжерии е 30 години. За лешниците е најдолготраен, до 70, а за маслинарници до 50 години.
Рокот за одгледување на други земјоделски култури и за поставување на пчелни семејства е за период до 15 години, за брзорастечки дрвја на земјоделско земјиште кое се наоѓа на надморска висина над 700 метри за периодот до 30 години и за рибници до 20 години.
Првиот јавен повик опфаќа 11 региони, Гостивар, Тетово, Кичево, Дебар, Струга, Охрид, Ресен, Демир Хисар, Свети Николе, Кисела Вода и Чаир, со објавени 246 катастарски општини.
Вториот е за 10 региони, односно Берово, Пехчево, Битола, Македонски Брод, Валандово, Виница, Гевгелија, Прилеп, Штип и Велес и е во 206 катастарски општини. Во третиот и четвртиот повик понудени се 420 хектари во вкупно 20 региони.
Право на учество имаат домашни физички и правни лица и странски правни лица, а рокот за поднесување на апликации е 30 дена од денот на распишувањето на јавните повици, односно од 10-ти јануари. ()