Актуелно 02.02.2024 08:57

Државата ја субвенционира струјата со народни пари, а народот не може глава да крене од високи сметки!

Државата ја субвенционира струјата со народни пари, а народот не може глава да крене од високи сметки!

Многу дилеми се појавија во јавноста за тоа какви сметки ќе плаќаат домаќинствата од јули, по информацијата дека ќе се укинат субвенциите за струја. Последниве денови, властите излегоа со различни изјави околу субвенциите за струја и ги збунија граѓаните, кои не може да се соземат од високите сметки што ги добија во јануари. И покрај тоа што властите постојано смируваат дека нема да има зголемување на цената на струјата во првиот и во вториот блок, сепак, во пракса тоа не е така. Голем дел од граѓаните во јануари добија двојно повисоки сметки, поради што досега се поднесени 30 поплаки до Регулаторната комисија за енергетика.

Министерот за економија, Крешник Бектеши, кој прв тврдеше дека ќе има субвенции само до 1 јули и оти цената на струјата во првиот и во вториот блок нема да се зголеми. Пред два дена, излезе со ново објаснување за двојно повисоките сметки за струја на граѓаните од првиот и од вториот блок и ги повика сите што се сомневаат да се пожалат во Регулаторната комисија за енергетика.

– Јас не верувам дека има зголемување на цените повеќе од тоа што го утврди Регулаторната комисија за енергетика, но граѓаните секогаш имаат право на жалба. Ги повикувам, ако мислат дека има некоја грешка или злоупотреба, да пријават и веднаш ќе се среди тоа – рече Бектеши.
Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, попластично им објасни на граѓаните дека ќе има субвенции за струја само ако остане СДСМ на власт.

– Има одлука за субвенционирање на електричната енергија до 30 јуни оваа година, а следната влада што ќе биде предводена од СДСМ, е подготвена да донесе одлуки битни за граѓаните, а тоа е субвенција. Ако дојде друга влада, прашајте ги нив – изјави Битиќи.
Во фактурите за струја од минатата година има табела со пресметка преку која граѓаните имаат увид во тоа со колку средства Владата ја субвенционира сметката. Годинава, кога цените на берзите се стабилизираа, ЕСМ ја произведува струјата по пониска цена, а се воведе и дневната евтина тарифа – субвецниите се намалија. Повеќе не изнесуваат 91 отсто, туку се намалија на 84 отсто.

Енергетските експерти велат дека треба да се градат нови енергетски капацитети, а не да ги кратат субвенциите за струја и да се плашат граѓаните со високи сметки за струја.

– Голема лага е дека државата ја субвенционира цената на струјата. Тоа се пари од граѓаните, кои им ги зема на име данок на додадена вредност, кој го зголеми од 5 на 10 отсто. Значи, тие пари не се на државата, туку на граѓаните и со нивни пари им ја субвенционира струјата. Ова е само предизборен маркетинг дека се грижат за граѓаните, односно дека им ги субвенционираат сметките. Суштината е дека не му даваат ништо на народот, тие пари се на граѓаните и на фирмите. Да не заборавиме дека потрошија дел од овие пари и да си ги зголемат платите, да вработуваат до недоглед, а на граѓаните само им ги зголемија сметките за струја – изјави за весникот ВЕЧЕР Константин Димитров, енергетскиот експерт и универзитетски професор.
Според него, државата не презема ништо за да го зголеми производството на струја и за да не ја зголемува цената, туку само воведува нешто, враќа нешто… од што, на крајот, речиси никој нема корист.

Во меѓувреме, револт кај граѓаните предизвика тоа што во сметките за декември беше вкалкулиран надоместок од 200 денари за пристап до мрежата, давачка што, всушност, почна на почетокот од годинава. Потоа РКЕ најави дека ќе следува корекција со која со јануарските сметки нема да се платат екстра 200 денари.

Но, со цел да се спречат ваквите пропусти, кои удираат по џебот на граѓаните, надлежните во повеќе наврати посочуваат дека треба секој треба сам да си го чита броилото.

Доколку се незадоволни потрошувачите од висина на сметката и од квалитет на услугата, прво треба да се обратат до ЕВН, па потоа, доколку бидат одбиени, да поднесат приговор до РКЕ. Практично, во овој процес, Регулаторната комисија за енергетика е второстепен орган, а незадоволните странки можат да поведат управен спор против решенијата на РКЕ. ()