Со најновата одлука на Министерството за транспорт и врски, на акционерското друштво за железнички транспорт инстантно му се доделуваат 2,5 милиони евра. Имено, станува збор за вонредна помош, надвор од редовното субвенционирање на патничкиот транспорт.
Во Одлуката на Министерството за транспорт се образложува дека таа е донесена заради помош за исплата на плати, но и за расчистување со обврските кон доставувачите.
– Ставката разни трансфери е зголемена за 151.000.000 денари, кои ќе се користат наменски за исплата на плати и надоместоци од плата на вработените, како и плаќање обврски кон други доставувачи на Железници – транспорт АД Скопје – објавено е во владината одлука. Одлуката е донесена на седница на 13 февруари, како решение за распределба на средства во буџетот на Министерството за транспорт и врски, од каде што ќе треба да се префрлат парите на посебна наменска сметка на Железници – транспорт.
Владата на 10 ноември преку зголемување на акционерската главнина му исплати вонредни 16 милиони евра на претпријатието Македонски железници – транспорт за да ги расчисти навремено долговите за електрична енергија. Овие убедливо рекордни досега 962.913.000 денари се пари што железничкото претпријатие ги доби наменски, надвор од редовните субвенции од Министерството за транспорт и врски за превоз на патници и самофинансирачкиот буџет за товарен транспорт што го наплаќа од големите производствени компании за пренос на суровини.
Владата претходно со одлука на седница одлучи овие 16 милиони евра на Железници на РСМ транспорт АД Скопје да му ги даде преку четвртата емисија на акции по пат на приватна понуда. Со четвртата емисија, претпријатието издаде 962.913 обични акции, при што продажната цена по акција е еднаква со номиналната и изнесува 1.000 денари по акција.
Македонски железници – транспорт е постојано при врвот на листата на должници. Машиновозачите, пак, се често на протести, блокирајќи го железничкиот сообраќај поради неисплатени плати. Во МЖ транспорт досега се променија неколку раководни структури, но никоја од нив не најде ефикасно решение. ()