Двојазични униформи на полицајците, пожарникарите, лекарите и медицинскиoт персонал како и двојазични судски процеси. Ова станува законска обврска. Ќе се интервенира и на македонскиот денар – и книжните и кованите пари ќе добијат албански симболи.
Македонија ќе стане непрепознатлива, целосно се менува карактерот на државата кој со Законот за двојазичност и уставните измени станува бинационален. Македонските судови, обвинителства, како и сите институции ќе бидат обврзани да овозможат користење и примена на албанскиот јазик. Ваквата состојба дополнително ќе ги искомплицира работите во судството и ќе придонесе за нефункционалност на правосудниот систем кој и онака е во хаос, а за кој Европската Унија има најголем број замерки.
Ова значи дека Законот за јазици може да стане уште една кочница во оваа клучна сфера за македонските евроинтеграции. Меѓу другото и униформите на специјалните единици на полицијата, пожарната и здравствените работници во Скопје и во другите градови каде Албанците се присутни со над 20 отсто од населението ќе бидат двојазични. Законот за употреба на јазиците кој денеска беше објавен во Службен весник, предвидува основање на Агенција за примена на јазикот што го зборуваат 20 отсто од граѓаните, која ќе биде финансирана од државниот буџет. Предвидено е и формирање на Инспекторат за употреба на јазиците во рамки на Министерството за правда, а ќе се регулира со посебен закон.
Во превод ова значи дека институциите и граѓаните кои нема да го почитуваат законот ќе се соочуваат со парични казни од три до пет илјади евра за неупотреба на албанскиот јазик. Ќе се менуваат и денарите – и книжните и кованите, како и поштенските марки. Законот предвидува тие да содржат симболи што го претставуваат културното наследство на граѓаните што го зборуваат македонскиот јазик и неговото кирилско писмо и јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните и неговото писмо односно Албанскиот. Да се потсетиме дека Законот за јазиците кој сега покренува бура од реакции во јавноста и беше носечкиот столб во Тиранската платформа како и услов за коалицирање во новата Влада, предводена од Заев и СДСМ.
Експертите предуваат дека токму овој Закон создава паралелен јазичен систем во Македонија со што се губи кохезивниот фактор на македонскиот јазик. Александра Ѓуркова, научен советник во Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“ – Скопје, своевремено посочи дека со Законот за употреба на јазиците, со кој албанскиот станува официјален на целата територија на Македонија, „се создава паралелен јазичен систем во земјава и се губи кохезивноста на македонскиот јазик“. -Тоа е една од работите што сметаме дека најмногу ќе биде на штета на македонскиот јазик.
Просто како да не се сака да се слушаат мислењата на стручната јавност. Секогаш кога се појавува некоја политичка тема првенствено се става акцентот на тоа како центрите на политичката моќ се поставуваат и што е нивната цел. А стручната јавност, во овој случај правната страна и страната за јазиците, лингвистичката страна, морам да кажам дека останаа тотално занемарени, истакна Ѓуркова во изјава за телевизија Телма кога првично се изгласа Законот.