Актуелно 30.01.2019 12:09

Двојазичноста креира проблеми

Двојазичноста креира проблеми

Само краток период помина откако законот за двојзичност на незаконски начин беше објавен во Службен весник, а проблемите се веќе многубројни.

СДСМ и ДУИ експресно почнаа да менуваат табли и на дело да го спроведуваат законот, но истиот им послужи и на функционерите кои како едвај да дочекаа, да го толкуваат законот како што само ним им одговара.

Грубо кажано, наместо двојазичност, функционерите Албанци, овој закон го применуваат како да е донесена еднојазичност, па зборуваат само на албански јазик, свесни дека најголемиот дел од народот нема да ги разбере што кажуваат.

Само изминативе неколку дена, се случија низа проблеми.

 

Министерот за образование и наука, Арбр Адеми и градоначалникот на Велес, Аце Коцевски на вчерашната прес-конференција  имаа недоразбирање пред очите на медиумите и јавноста. На министерот му беше поставено прашање на албански јазик, при што градоначалникот Коцевски реагираше дека ќе ја напушти прес-конференцијата, доколку не му биде преведено.

Новинарите исто така побараа, министерот да го даде одговорот и на македонски јазик, што тој со негодување го направи.

https://m.facebook.com/tvsitel.mk/videos/369764823806772/

Пратеникот на ДУИ, Ејуп Алими, кој воедно е и координатор на пратеничката група на партијата, на прес-конференција за медиумите говореше само на албански јазик.

Откако новинарите реагираа изјавата да биде дадена и на македонски, во одбрана на Алими застана лидерот на ЛДП и коалиционен партнер на Заев, Милевски, по што неговиот колега од ДУИ ја напушти прес-салата. Во изјава за Сител, Алими потоа рече дека го користи албанскиот како официјане јазик во државата, а институциите, но и самите медиумски редакции треба да си обезбедат преведувачи.

Од една страна, Алими им порача на медиумите да си вработат преведувачи на албански јазик, од друга страна вицепремиерот Бујар Османи ангажирал преведувач за неговата прес-конференција, но тој задоцни. Така, и оваа прес-конференција новинарите, а преку нив и граѓаните, ја проследија исклучиво само на албански јазик.

Османи со генералната секретарка на Регионалниот Совет за соработка Брегу, која по потекло е од Албанија, исто така на официјална прес-конференција, се обратија само на албански јазик, по што следеше оправдувањето– требало да има превод на македонски, ама преведувачот задоцнил.

Османи се пофали дека прв зборувал на албански на владина седница

Вицепремиерот Бујар Османи ја искористи денешната прес-конференција во Владата посветена на интеграциите и реформите да се пофали дека ја имал честа прв да зборува на албански јазик на една владина седница, бидејќи денешната е прва откако Законот за јазиците стапи на сила.

За Владата, тука нема ништо страшно, па не ни сака да се меша во работата на своите функционери. Не застанаа во одбрана на граѓаните, кои во сопствената држава, не ги разбираат прес-конференциите бидејќи на нив не се зборува на официјалниот јазик-македонски. Од Владатавелат дека немааат намера да коментираат прес конференции на јавни функционери, ниту пак начинот на кој тие ги пренесуваат информациите во јавноста.

-Владата не би можела да укажува на дадени политички субјекти или на кои било организации на граѓани на кој начин тие чувствуваат потреба да ги пренесат нивните информации за кои сметаат дека јавноста треба да знае. Она што можеме да кажеме е дека како Владата секогаш сме обезбедувале преведувач и функционираме по принципот што го промовираме на едно општество за кое имплементацијата на Законот за јазиците само ќе биде комплементарна додадена вредност во интерес на сите граѓани во Македонија, рече Бошњаковски, одговарајќи на новинарско прашање

Законот за употреба на јазиците кој почна да се применува пред 10 тина дена ја проширува употреба на албанскиот јазик, но сепак ставот 3 од Законот предвидува дека македонскиот и натаму останува прв официјален јазик во државата, а покрај македонскиот функционерите имаат право на избор дали во комуникација со јавноста ќе го користат и албанскиот како втор службен јазик во државата.

Антикорупциска нема членови, но затоа доби двојазична табла

Уште државната комисија за спречување на корупција нема нови членови кои треба да ја контролираат корупцијата во земјава, двојазичноста си го направи своето.

Старата табла е заменета со нова двојазична табла на која е испишан натписот на институцијата на двата јазика, македонски и албански.

ЈП “Македонија пат” започна да поставува табли на двата јазика низ целата земја

Прва институција што започна со промена на табелите е ЈП “Македонија пат”.

Првата двојазична табела е поставена во Битола, каде што потоа ќе продолжи и во други градови каде што има Албанци.

Јавното претпријатие, кога ќе треба да си ја сработи основната работна должност, е далеку понеажурно.

 

Цената за употреба на двојазичноста ќе ја платат граѓаните- еве колку ќе чини

Законот за јазици веќе започна да се применува низ целата земја, а според многумина пресметки тој ќе ја чини Македонија скапо.

Весникот Нова Македонија минатата година објави вест дека начелно, во законот се споменува дека за негова имплементација ќе бидат неопходни 1,7 милион евра, но упатените во проблематиката укажуваат дека тој може да нѐ чини дури и десет пати повеќе од предвиденото.

Исто така, истакнуваат дека трошоците ќе се повторуваат или зголемуваат секоја наредна година.

-Имено, секоја државна институција ќе мора да има албански преведувачи за документацијата. Дополнително, вработените што ќе имаат комуникација со граѓаните ќе мора да знаат и македонски и албански јазик. Сето тоа чини и пари и ресурси. Имплементацијата на законот не ги засега само Владата и Собранието туку сите државни институции, како министерствата, царината, судството, но покрај нив ќе мора да се приспособат и училиштата, здравството, јавните претпријатија, а одраз ќе има и врз приватниот сектор. Први на удар ќе бидат адвокатите, нотарите, извршителите, но и преостанатиот економски сектор, бидејќи дури и фискалните сметки ќе треба да се издаваат на двата јазика, што ќе наметне и други трошоци, пишува Нова Македонија.

Ова е уште еден доказ дека за употреба на двојазичноста цената ќе ја платат сите граѓани.