Актуелно 13.06.2023 11:44

„Еколошките“ ќеси во маркетите сами се распаѓаат – зошто упорно купуваме ѓубре за 15 денари?

„Еколошките“ ќеси во маркетите сами се распаѓаат – зошто упорно купуваме ѓубре за 15 денари?

Од каков материјал ли се прават новите биоразградливи пластични ќеси за пазарење штом се кинат при првата употреба?

Граѓаните се револтирани поради тоа што се принудени на секое пазарење во маркет да купуваат ќеса којашто нема никаков квалитет и се кине веднаш штом се употреби.

Поголемиот дел од анкетираните граѓани целосно се согласуваат со владината мерка, односно наредба, по 15 денари да се наплаќаат пластичните ќеси во супермаркетите со цел да се намали загаденоста во околината, но како што велат, не се среќни поради тоа што квалитетот на новите биоразградливи ќеси е многу лош и тие не вредат 15 денари.

– Купуваме ѓубре, бадијала ги фрламе парите. Понекогаш се случува да немам платнена торба, па принуден сум да купам од биоразградливите ќеси. Што да ви кажам, секојпат се расправам со продавачките. А и тие не се виновни. Им велам, не можете да ми продавате ѓубре, а тие молчат или се смешкаат. Новите ќеси од 15 денари, едноставно, не се наменети за нешто потешко од кутија цигари. Пред некој ден ставив 2 шишиња јогурт во ќесата и таа веднаш се скина. Претходно, пазарев сок и леб, а ќесата пак се скина. Од што ли ги прават не ми е јасно?! – вели револтираниот пензионер Милисав од скопското село Волково.

Екологистите ги разбираат проблемите на граѓаните, веројатно затоа што и тие самите на своја кожа почувствувале како е да се „фрлат“ 15 денари за нешто што е целосно нефункционално и неквалитетно, но како што посочуваат, купувачите имаат право да се жалат кај сопствениците на маркетите, па дури и да ги бојкотираат тие маркети каде што се продаваат неквалитетни ќеси.

– Дел од газдите на маркетите, затоа што се многу итри и паметни, купуваат пластични ќеси на големо од пазарите. А таму, можете и сами да видите дека слободно висат и се продаваат два вида ќеси – 100 парчиња за 200 денари и 100 парчиња за 120 денари. Е па, тие што брзо се кинат се оние поевтините и потенките. Сопствениците на маркетите мислат дека многу заштедиле, но не сфаќаат дека на тој начин ги губат муштериите. Како и да е, советувам постојано да си носите платнена торба во џебот или во чантата и воопшто да не фрлате пари на пластични ќеси. Имаме само една планета и мораме да ја зачуваме – велат од едно скопско еколошко друштво.

Во земјава, според последниот Извештај на Министерството за животна средина, кој се базира врз податоци на компаниите кои управуваат со отпадот од пакување, на пазарот се пуштени 31.750 тони пластика.

Постапувачите со отпад собрале 21.055 тони, а преработени се само 6.737 тони пластика. Засега нема податок колку од овој отпад се пластичи ќеси.

Асоцијацијата за управување со отпад, пак, лани излезе со податок дека во земјава годишно се употребуваат помеѓу 120 и 150 милиони пластични ќеси, а тоа се близу 2.000 тони пластика.

Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека лани компаниите во земјава произвеле околу 5.000 тони пластична амбалажа, вреќи и ќеси.