Економијата е на стаклени нозе, велат експертите сите економски параметри го покажуваат тоа. Градежништвото е во континуиран пад додека сега и индустријата ги живее своите најлоши моменти.
Имено, на официјалната страна на Министерство за финансии објавен е извештај за извршување на буџет за месец ноември и ставката капитални трошоци изнесува поразителни 46, 89 %. Ова директно ќе влијае врз растот на економијата кој и онака низ текот на оваа година доживеа неколку надолни корекции и од Народна Банка и од голем број на реномирани финансиски институции како ММФ и Светска Банка.

Понатаму, според експертската јавност Владата воопшто не се посвети на економијата и оваа година според нив е промашена на економски план. Додека сите соседни земји и земјите во регионот бележат огромни стапки на раст користејќи го поволното светско и глобално економско окружување Македонија не успеа да се носи со предизвиците и да испорача барем просечен раст.
Експертската јавност е сериозно загрижена за економската состојба и за безидејноста на Владата да ги реши проблемите и да креира нови можности како за домашното стопанство така и за привлекување на странски капитал.
Ваквата катастрофална состојба со капиталните трошоци објаснува дека стратешки проекти не се градат и дека работата стагнира додека тоа има сериозен импакт врз градежништвото која е движечка гранка во македонската економија и сериозно учествува во градењето на Бруто Домашниот производ.
Инаку, Владата првенствено проектираше раст од 3,2% за да ја намали на 2,8 но според економистите со вака лоши економски параметри знак прашалник е дали ќе се постигне и овој раст.