Деновиве изјава имаа Премиерот Зоран Заев и министерот за финансии Драган Тевдовски за економската состојба во земјава, ги сумираа резултатите од 2018 година на економски план.
Имено, Владата кажа дека се зголемила минималната плата и дека стандардот на граѓаните е повисок но напротив експертите сметаат дека зголемувањето е само статистички и дека реално граѓаните не живеат подобро.
Реакција имаше и од поранешниот министер за финансии , универзитетски професор и член на извршниот комитет на ВМРО ДПМНЕ Трајко Славески кој кажа дека економската состојба на земјава е катастрофална и направи споредба со владеењето во време на ВМРО ДПМНЕ кога растот на бруто домашниот производ изнесуваше скоро 6 % додека сега не може да се постигне ни 2, 8 %.
„Сакаме да се задржиме на споредба повторно на првите две- три години од владеењето на ВМРО-ДПМНЕ целосни од 2007, 2008, 2009 година затоа што тоа е релевантно со првата целосна година од владеењето на СДСМ. Имено само да потсетиме дека тогаш растот на БДП изнесуваше околу 6 проценти,а сега се задоволуваме или треба да се задоволиме со раст кој што може да биде дури понизок од 2,8 проценти и покрај тоа што се презентираат бројки за некоја зголемена активност во последниот квартал од 2018 година. “ – кажа Славески.
Исто така оваа година ја одбележаа и огромните критики кон Владата во врска со воведувањето на даночни промени односно прогресивното оданочување. Голем дел од бизнис секторот и целокупната експертска јавност беше против овие реформи и бараше одложување за 5 години но Владата остана глува на нивните барања. Славески во врска со прогресивното оданочување кажа дека овие промени се само козметички и дека нема да имаат никаков позитивен ефект врз економијата туку дека и напротив ќе предизвикаат негативни последици.
Премиерот Зоран Заев додатно како позитивна работа на излагањето го кажа покачувањето на социјалната помош за 3 пати на што Славески реагираше дека ова ќе влијае негативно врз пазарот на трудот во Република Македонија.
„Заев се фали дека социјалната помош од 1 јануари 2019 година е зголемена за 3 пати. Знаете ова убаво звучи но укажуваме на негативните ефекти и последици на пазарот на труд од една ваква мерка ако се реализира на начин на кој што е зацртана.
Внимавајте изедначување на социјалната помош со минималната плата значи декуражирање или обесхрабрување на работоспособните лица да се вклучат во пазарот на работна сила затоа што на пример станува збор за семејства каде што квалификациите се такви што тие на пазарот на труд не би можеле да достигнат до просечната плата или би биле некаде испод просечната плата. Па кој е сега интересот ако државата ви плаќа за седење дома 12.000 денари вие да работите за минимална плата од 12.000 денари или за дополнителни 2.000 денари што би ги добиле или 3 илјади денари за малку повисока плата над минималната. Во услови на стеснување на пазарот на труд во Република Македонија, заради демографските трендови заради иселувањето итн. се губи, односно се пасифизира еден работоспособен дел од работната сила во Република Македонија што секако на економски план ќе има многу негативни последици.„- потенцираше Славески.
Економистите не се оптимисти дека оваа година ќе имаме голем раст и се уште постои скептицизмот дали и проектираниот раст од 2,8 % ќе се оствари. Според експертите Владата и економскиот тим потфрлија во многу сегменти и не ја водеа економијата во добар правец оваа година и сметаат дека 2019 нема да биде ништо поразлична.