Актуелно 05.11.2018 15:52

Експертите и бизнисмените гневни на даночната реформа

Експертите и бизнисмените гневни на даночната реформа

Бизнисмените затечени од даночната реформа. Бараат од Владата да не избрзува со нејзино воведување. Велат плановите беа да се развие поширока дебата со стопанствениците пред да се напише новиот закон, а сега се принудени допрва да ги анализираат негативните ефекти. Бараа одложување на зголемувањето на даноците за 5 години, а добија само два месеци да се навикнат да работат под нови услови.

-За најновите владини мерки што беа соопштени во саботата потребни се длабински анализи и широка консултација со сите засегнати страни. Освен даночната стапка која веќе беше презентирана, за целосно согледување на ефектите од овие нови решенија ќе треба детално да се анализираат и прашањата за даночната основа, субјектите, даночните повластувања, но и како ќе се спроведува контролата врз овој предложен даночен режим, имајќи предвид дека станува збор за целосно нов систем на даночно уредување на личните доходи поради што сметаме дека е потребно подолго време. Ова би се однесувало не само на прашањето какви ефекти ќе имаат предложените мерки врз приходната страна на Буџетот, туку и какви ќе бидат ефектите врз работењето на деловните субјекти и нивната продуктивност и конкурентност, но и недостигот на висококвалификувана работна сила. Прописите за проценка на влијанието на регулативата предвидуваат точни рокови и дејства кои треба да бидат преземени со консултации со сите засегнати страни. Во конректниот случај, известувањето за почеток на подготовка на посочените законски прописи и нацрт-текстот на новиот закон за личен доход беа објавени истиот ден како веќе готово законско решение„ – рече Татјана Штерјова од Стопанската комора на Македонија.

На социјалните мрежи не стивнуваат реакциите на граѓаните откако Владата одлучи да воведе нова стапка од 18% кај персоналниот данок, да го зголеми придонесот за пензиско осигурување од 18 на 18.4%, да воведе социјална пензија и за оние што имаат работен стаж од само еден ден, а исто така и да го зголеми за 50% данокот на капиталните добивки, кирии, добивки од игри на среќа од 10 на 15%.

Дел од аналитичарите искоментираа дека на државите што воведуваат прогресивни даночни стапки им се заканува затајување на данок, раст на сивата економија, иселување на високостручните кадри, намалување на платите и застој на инвестициите. Велат дека оние со повисоки примања имаат повеќе можности да затајуваат данок. Сметаат дека Владата мора да ја зајакне контролата ако сака да спречи даночна евазија.

„Мора да работи на подобрување и развивање на капацитетите на даночната администрација, треба да ги намали сите легални дупки кои постојат во даночната легислатива, да ги елиминира. Политичките влијанија во економијата мора да ги изолира бидејќи овие прогресивни системи се подложни на политичка манипулација. Внимателно најавија реформи во социјалната сфера. Реформите во социјалната сфера овозможуваат поголема флуктуација и можност за сокривање, избегнување по споредни канали кога имаме прогресивно одданочување. Мора да има системски пристап во борбата со сивата економија, да работи на транспарентноста, да утврди кој навистина е богат, која класа, имотите кои се луксузни и она што е најважно, да работи на креирање клима за да може да ја воведе новата реформа, затоа што даночните обврзници веќе се навикнаа на претходната даночна околина“ – вели универзитетскиот професор Борче Треновски.

Аналитичарите не се оптимисти дека парите собрани од побогатите ќе завршат во вистинските раце. Сметаат дека кога 25-те милиони евра повеќе годишно ќе се слеат во буџетот, нема да може со сигурност да се знае дали тие ќе завршат за социјалата или неопродуктивно ќе се потрошат.

 

Извор: Алфа