Економија 29.09.2023 10:42

Експлозивен раст – јужноамериканска земја е најбрзорастечка економија на светот

Експлозивен раст – јужноамериканска земја е најбрзорастечка економија на светот

Гвајана е најбрзо растечката економија во светот. Тој раст, главно поттикнат од приходите од производството и извозот на нафта, би можел да достигне повеќе од 100 отсто до 2028 година.

Според проценката на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), економскиот раст на оваа јужноамериканска земја со 800.000 жители до крајот на оваа година би можел да биде 38 отсто, што е исклучително брз раст. ММФ не е сам во своите оптимистички оценки.

Ендрју Трахан од финансиската фирма „Фич солушнс“ верува дека Гвајана ќе види како што тој го нарекува експлозивен раст оваа година. Тој очекува тој раст во следните пет години да биде 115 проценти. Тој посочи дека овој раст ќе зависи од брзината на започнување дополнително производство на нафта.

Се претпоставува дека производството на нафта во Гвајана ќе се зголеми од овогодинешните 390.000 барели дневно на еден милион барели дневно до 2027 година. Нафтената компанија ExxonMobile има намера да отвори ново нафтено поле, за кое се претпоставува дека содржи 11 милијарди барели.

„Силниот раст на Гвајана беше и ќе продолжи да биде поттикнат од брзото проширување на производството на нафта“, истакна Трахан.

Според ММФ, растот на БДП на оваа земја лани изнесувал 62,3 отсто. Освен производството на нафта, растот е поттикнат од инвестициите во транспортот, домувањето и развојот на човечкиот капитал. Во извештајот на ММФ се посочува дека добро функционираат и земјоделството и рударството.

Тархан верува дека Гвајана оваа година ќе биде најбрзо растечка економија во светот и така ќе остане во следните две години.