Економија 12.03.2024 10:22

ЕП: Западен Балкан доби пристап до помош од шест милијарди евра

ЕП: Западен Балкан доби пристап до помош од шест милијарди евра

Пратениците во комисиите за надворешни работи и буџет на Европскиот парламент го усвоија својот став за Инструментот за реформи и раст за Западен Балкан, кој на регионот му нуди дополнителна финансиска помош од шест милијарди евра во периодот од 2024 до 2027 година.

На седницата на двете комисии беше усвоена и одлуката за влегување во меѓуинституционални преговори со Советот на Европската унија, а претседателот на Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент, Дејвид Мекалистер, пред гласањето рече дека тој очекува преговорите да започнат веќе оваа недела и посочи дека останува уште малку време за постигнување договори во актуелниот мандат на Европскиот парламент, пренесува Танјуг. Претставниците на двете комисии го усвоија ставот за Инструментот за реформи и раст кој се однесува на партнерите од Западен Балкан со 65 гласа „за“, пет против, а немаше воздржани.

Како што се наведува во соопштението на Европскиот парламент, тие ги поддржале строгите реформи и зајакнувањето на вредностите на ЕУ во Западен Балкан, фокусирајќи се на транспарентноста, владеењето на правото и економската интеграција. Усвоениот нацрт-извештај, подготвен во име на двете комисии од страна на известувачите Карло Реслер и Тонино Пицула, ја поддржува интеграцијата на Западен Балкан, истовремено поддржувајќи ја неговата посветеност на пристапот „најпрво основите“.

Тоа е принцип кој ги поврзува владеењето на правото и основните права со уште две клучни области од пристапниот процес – економско управување и зајакнување на демократските институции и реформа на јавната администрација. Намерата на претставниците на Европскиот парламент е да се подобри управувањето со инструментот со фокус на посилен парламентарен надзор и транспарентност, се додава во соопштението и се нагласува дека редовниот дијалог со Европската комисија треба да ја интензивира улогата на ЕП во следењето на напредокот и обезбедување усогласеност на финансирањето со целите на Европската Унија. ()