Актуелно 03.11.2023 10:02

ЕСМ: Проектот за ХЕЦ Чебрен датира од 1963 година и сите влади бараа странски партнер за изградба

ЕСМ: Проектот за ХЕЦ Чебрен датира од 1963 година и сите влади бараа странски партнер за изградба

Виктор Андонов, директорот за развој и инвестиции во АД ЕСМ, денеска изјави дека основен проект за изградба на ХЕЦ Чебрен е направен во 1963 година, а идеен проект во 1965 година, и додаде дека интенцијата на сите влади досега била да се додели на странски партнер поради лесната достапност до финансии, комплексноста на проектот и стекнувањето на нови знаења. Според него, придобивките по изградбата ќе бидат големи и тоа не само од асект на енергијата што ќе се добива.

Андонов говорел на тематска панел дискусија во Стопанската комора, организирана од Здружението на енергетичари на Македонија (ЗЕМАК)

„Хидроцентралата Чебрен нуди голема можност за балансирање на обновливите извори на енергија. Овој проект воедно ќе има огромно значење и за заштита од поплави, водоснабдување и помош за земјоделието бидејќи браната ќе биде со висина од 192 метри, ставајќи ја во редот на една од највисоките во светот. Со оглед на стремежот кон енергетска трансформација и користењето на чисти извори на електрична енергија, проектот Чебрен се поставува како клучен фактор за намалување на производството од јаглен и заменување на базната енергија со електрична енергија произведена од оваа голема хидроелектрана.

За изградба на Чебрен и Галиште се спроведени 13 неуспешни тендери, а од 1992 година се бара приватен странски инвеститор за нивна изградба. И на првиот објавен тендер во 2006 година се бара странски инвеститор за реализација. ЕСМ досега ниту еднаш не изработила студија за Чебрен туку се јавува како нарачател на студиите што ги изработуваат реномирани светски компании“, рече Андонов.

На панел дискусијата учествувале и проф. д-р Вангел Фуштиќ од ЗЕМАК и д-р Александар Дединец, виш научен соработник при Македонската академија на науките и уметностите и д-р Ристо Јаневски електро инженер од ЗЕМАК.

Во соопштението од ЕСМ се додава дека со стручната поддршка и соработка со ЗЕМАК, Чебрен станува реалност и ќе придонесе за дополнително развивање на зелената иднина на Македонија.