Живот 12.09.2023 13:09

ЕУ предлага: На уредите да пишува дали нивната поправка е исплатлива

ЕУ предлага: На уредите да пишува дали нивната поправка е исплатлива

Европската комисија предложи регулатива според која уредите како мобилни телефони и таблети ќе треба да прикажуваат информации за нивната енергетска ефикасност, долгорочното траење на батеријата, заштита од прашина и вода и отпорност на случајни падови. Дополнително на ова, уредите ќе треба да покажат и оценка за „поправливост“, односно дали ни е исплатливо да го поправиме уредот.

Мобилните телефони и таблетите произведени според правилата на ЕУ ќе заштедат речиси 14 терават часови енергија секоја година до 2030 година, објави Европската комисија.

Новите правила ќе овозможат оптимизирана употреба на критичните суровини и ќе го олеснат нивното рециклирање.

Производите ќе ја имаат веќе добро познатата енергетска ознака со A-G скалата.

Европската комисија дефинираше нови правила за да им помогне на потрошувачите да бидат информирани за одржливите опции кога станува збор за мобилни телефони, таблети, во рамките на постојната енергетска регулатива на ЕУ

Според Регулативата, батериите треба да издржат најмалку 800 циклуси на полнење и празнење додека задржуваат најмалку 80 проценти од нивниот почетен капацитет.

Правилата за расклопување и поправка, во рамките на Регулативата, ги обврзуваат производителите на уреди да ги стават на располагање на сервисерите критичните резервни делови во рок од пет до 10 работни дена и до седум години откако производот ќе влезе на пазарот во ЕУ.

Исто така, оперативниот систем може да се надгради најмалку пет години откако производот ќе излезе на пазарот.

Овие правила за означување на енергијата ќе бидат доставени до Европскиот парламент и до Европскиот совет за период од два месеци, по што ќе бидат формално усвоени доколку нема забелешки на текстот.

По влегувањето во сила, се предвидува преоден период од 21 месец пред условите да станат применливи.

Најнови вести