Војната помеѓу Русија и Украина доведе до фрагментација на главните пазари на стоки, а геополитичките тензии би можеле дополнително да ја влошат ситуацијата, првенствено за земјите со ниски приходи, се вели во анализата објавена од Меѓународниот монетарен фонд (ММФ).
Анализата истражува како понатамошните можни трговски нарушувања би можеле да влијаат на цените на стоките, економската активност и енергетската транзиција.
Како што е наведено на веб-страницата на оваа организација, континуираната фрагментација на пазарот би предизвикала големи флуктуации на цените на суровините. Сметката би ја платиле пред се земјите со ниски приходи, пред се поради нивната зависност од увоз на земјоделски производи.
ММФ го анализира и сценариото за фрагментација на пазарот на минерали што би настанало кога тој ќе се подели на економски блокови, од кои едниот би го предводеле Русија и Кина, а другиот ЕУ и САД.
Доколку ова сценарио се оствари, енергетската транзиција би била поскапа, а инвестициите во обновливи извори на енергија и електрични возила би се намалиле за една третина до 2030 година.
ММФ бара договор за гарантирање на протокот на основните прехранбени производи и критичните минерали за стабилизирање на земјоделските пазари и поддршка на борбата против климатските промени.