Документи за идентификација ќе можат да се извадат со „Република Македонија“ дури и откако во сила ќе стапи овие денови новото уставно име со објава во Службен весник затоа што МВР се уште нема распишано тендер за обрасците.
Пасоши, лични карти, возачки дозволи со името „Република Северна Македонија“ ќе се издаваат дури во периодот кога ќе заврши целата тендерска постапка и ќе се изврши набавката, а до тогаш останува старата тековна процедура.
Портпаролот на Владата, Миле Бошњакоски за „Мета“ одговори дека откако нотата ќе биде испратена и ќе биде објавено во Службен весник, потоа МВР треба да распише јавна набавка за новите документи.
„МВР треба да набави нови пасоши, документи. Нема ограничување за тоа, дали додека трае набавката на документите граѓаните ќе можат да вадат нови, бидејќи ќе си добијат документи по старо, кои потоа ќе треба да ги заменат во рок од пет години“, одговори Бошњакоски.
За сега не е познато колку време ќе трае процедурата за набавка на нови документи.