Актуелно 06.10.2023 10:56

ЕВН, ЕСМ Продажба или некој друг: Владата подготвува нов повик за универзален снабдувач

ЕВН, ЕСМ Продажба или некој друг: Владата подготвува нов повик за универзален снабдувач

Владата подготвува нов повик за избор на универзален снабдувач со електрична енергија на домаќинствата и малите потрошувачи во земјата, бидејќи следната година му истекува петгодишниот договор на ЕВН.

На 1 јули 2019 ЕВН, како победник во наддавањето со понуда на најниска маржа, за прв пат започна да работи како универзален снабдувач со струја за сите потрошувачи кои не излегуваат на слободниот пазар, односно остануваат на регулираниот.

Од Владата велат дека Регулаторна комисија за енергетика и Министерството за економија во моментов изготвуваат критериуми за избор на универзален снабдувач пред да започне постапката за избор на универзален снабдувач, но со оглед на тоа што и натаму трае енергетска нестабилност и неизвесност, не е познато колкаво ќе биде домашното производство на струја што ќе треба да биде предадено на годишно ниво.

– Ви посочуваме дека согласно Законот за енергетика, АД ЕСМ има обврска секоја година да го намалува процентот на електрична енергија која ќе ја понуди на универзалниот снабдувач, колку за потсетување и во минатата година АД ЕСМ требаше да обезбеди само 60 отсто, меѓутоа поради зачувување на стандардот на граѓаните, и прогласената електроенергетска кризна состојба во државата, АД ЕСМ доби задолжение да ги обезбеди сите потреби на граѓаните, малите потрошувачи а и за дејностите од јавен интерес и таргетираните дејности. Треба да се има во предвид дека интересот на граѓаните секогаш ќе биде на прво место и соодветно ќе бидат и креирани мерките за граѓаните во однос на обезбедувањето на електричната енергија, гласи одговорот кој го добивме од Владата.

Првиот повик беше објавен во септември 2017 со право на аплицирање на сите 28 тогашни компании кои што имаа лиценца за снабдување со електрична енергија, но со обврска да понудат најмала профитна маржа, да прикажат работен капитал од 20 милиони евра и да располагаат со систем за фактурирање и наплата.

Во февруари 2019, ЕВН понуди најниска маржа од 11,5 проценти, по почетната од 14,4 проценти, а вториот понудувач беше ЕСМ Продажба. ЕВН започна да работи како универзален снабдувач на 1 јули 2019.