Живот 11.08.2023 09:06

Европа добива фабрика за чипови: TSMC гради производствен капацитет во овој град!

Европа добива фабрика за чипови: TSMC гради производствен капацитет во овој град!

Одлуката на тајванскиот гигант TSMC, најголемиот светски производител на чипови, да изгради фабрика во Дрезден „е важен чекор кон поспособна Германија“. Тоа го изјави канцеларот Олаф Шолц. Министерот за економија Роберт Хабек производството на чипови во земјава го оцени како инјекција на нејзината глобална конкурентност.

TSMC во вторникот објави дека ќе изгради фабрика во Дрезден, во проект вреден повеќе од 10 милијарди евра. Германските Bosch и Infineon, како и холандскиот NXP, ќе учествуваат во бизнисот како малцински партнери, секој со удел од 10 проценти. Останатите 70 проценти ги држи TSMC.

Почетокот на изградбата е планиран за втората половина на следната година, а почетокот на производството во 2027 година. Фабриката ќе има околу 2.000 вработени.

– Германија сега веројатно ќе се развие како важна локација за индустријата за полупроводници во Европа, рече Шолц во Вилдау, на почетокот на летната турнеја на неговата изборна единица.

Во мај, исто така во Дрезден, Infineon започна со изградба на фабрика за чипови вредна пет милијарди евра. Bosch и американските Globalfoundries веќе имаат свои погони во градот.

Агенцијата dpa наведува дека Германија ќе го поддржи тајванскиот проект со пет милијарди евра. Тоа не е првиот проект за фабрика за чипови што владата во Берлин го субвенционира со милијарди.

Фабриката на Интел во Магдебург, вредна 30 милијарди евра, Германија ќе придонесе со речиси 10 милијарди, а Инфинеон очекува милијарда за проширување на фабриката во Дрезден.

TSMC ги усоврши производствените процеси на минијатурни и исплатливи чипови и е главен снабдувач на производителите на паметни телефони како што е Apple.

Големите фабрики на TSMC се наоѓаат во Тајван. Поради се позатегнатите односи со Кина, ова претставува геополитички ризик за глобалната електронска индустрија.

Пристигнувањето на TSMC во Германија е „важно за издржливоста на производните структури ширум светот“, рече Шолц.

Според Хабек, „домашното производство на полупроводници е критично за глобалната конкурентност на Германија“.

Тој укажа на важноста на чипот денес. „Чиповите го напојуваат нашиот свет и овозможуваат климатска транзиција“, додаде тој. „Без нив не работат ниту компјутерите, ниту автомобилите, ниту генераторите на енергија од ветер или соларна енергија“.

Дополнително, фабриката во Дрезден ќе отвори нови работни места, а корист од проектот ќе имаат и многу домашни компании, големи и средни, рече Хабек.

Чиповите за автомобилската индустрија се помалку модерни од оние за телефони, но производителите на автомобили, исто така, стануваат сè попребирливи како што напредува поврзувањето на возилата.

Недостатокот на чипови за време на пандемијата го потресе светот, вклучително и германската автомобилска индустрија, а многу фабрики го намалија, па дури и го запреа производството на особено поевтини модели.