Економија 07.12.2023 08:35

Европската автоидустрија бара намалување на „регулаторното цунами“ на ЕУ

Европската автоидустрија бара намалување на „регулаторното цунами“ на ЕУ

Европската автомобилска индустрија бара обезбедување кохерентен законодавен пристап кон секторите од кои таа зависи, како што се рударството и производството на енергија и апелира за намалување на обврските што ги пропишува ЕУ врз основа на Зелениот договор, кои секторот ги доживува како „регулаторно цунами“ што ќе предизвика штети на неговата конкурентноста ако продолжи со сегашното темпо.

Ова, како што јави дописникот на МИА од Брисел, се посочува во Манифестот на Европската асоцијација на производители на автомобили (АЦЕА) во кои се наведени препораки за политиките на новите институции на ЕУ во следните пет години поврзани со економските и еколошките предизвици на овој сектор.

Според АЦЕА, на автомобилскиот сектор му треба време да ги спроведе мерките поврзани со Европскиот зелени договор, наместо да биде „затрупуван“ со нови правила.

Асоцијацијата бара и зголемување на инфраструктурата за полнење на електрични возила ширум ЕУ, како неопходен чекор за олеснување на транзицијата кон електрична мобилност, но и поголеми стимулации за купување на електромобили. Тоа, според АЦЕА, би значело обезбедување покохерентна легислатива, поддршка за раст на секторот и полабав регулаторен пристап.

Во Манифестот, исто така, се повикува Европа да стане „центар на паметно и зелено производство“ фокусирано кон помали автомобили и возила со нулта емисија на штетни гасови.

Според претседателот на АЦЕА и извршен директор на „Рено“, Лука де Мео, овој Манифест не е против еколошките мерки на ЕУ и покрај повиците за нивно забавување, за што како пример ја посочи посветеноста на автомобилската индустрија за намалување на емисиите на јаглерод диоксид.

Во нашиот сектор во тек е најголемата трансформација по повеќе од еден век. Ние не ја оспоруваме потребата за декарбонизација и инвестираме милијарди за да ја оствариме таа цел, што е многу повеќе од кој било друг сектор, изјави Де Мео.