Министерот за здравство, Венко Филипче, со статус на Фејсбук ги загрижи родителите на децата кои треба да се вакцинираат или се вакцинирале неодамна. Со цел да помогне во владината кампања за договорот со Грција, односно пред референдумот, Филипче направи чекор кој ниту еден министер не смее да си го дозволи.
Тој повика да се гласа ЗА промена на уставното име на земјава, на референдум, а како причина за тоа сервира каква придобивка би имале.
„Најквалитетни вакцини за сите наши деца“!
-Членството во ЕУ значи подобри здравствени услуги за сите, а за нашите деца значи најквалитетни вакцини. Пред нова вакцина да биде одобрена на пазарот, поминува низ строга регулаторна постапка за проценка на квалитетот, ефикасноста и безбедноста, напиша министерот на Фејсбук.
Откако стана мета на остри критики од страна на јавноста и медиумите, министерот се обиде да се оправда, исто така на својот Фејсбук профил, но ниту почувствува потреба за извинување, ниту за детално објаснување.
-Моментално во потполност се гарантира за квалитетот на вакцините, затоа што истите се од реномирани производители од земји на Европската унија (Франција, Белгија, Бугарија) одобрени производители од страна на СЗО кои ги исполнуваат сите потребни стандарди. Со членството во ЕУ обезбедуваме нови вакцини во Календарот за имунизација кои ќе бидат со највисок квалитет, напиша Филипче.
И во последното негово обраќање, тој ги збуни родителите на дечињата велејќи им дека гарантира за безбедноста на вакцините, но сепак дека истите не се со највисок квалитет. Вели, Македонија ќе добие најквалитетни вакцини дури откако ќе добие членство во Европската Унија.
Ова министерот на СДСМ, го прави со чиста политичка цел, да ги повика граѓаните на референдум да се изјаснат ЗА промена на уставното име на Република Македонија.
Можеби со ова ќе добие поени кај својот претпоставен, премиерот Зоран Заев, но кај јавноста предизвика огромен револт.
Ниту при неговата последна реакција, Филипче не одговори на прашањата кои МОРА да им ги објасни во очи на родителите.
-Дали со ова тврдите дека моментално во Македонија имаме неквалитетни вакцини?
-Дали на граѓаните им порачувате дека само ако на референдумот гласаат со “ЗА“, нивните деца ќе бидат соодветно заштитени?
-Дали свесно влевате страв кај родителите кои овој период треба да ги вакцинираат децата или неодамна ги вакцинирале или само имате многу лоша ПР служба?
Министре, дали на граѓаните им порачувате дека само ако гласаат на референдум за промена на уставното име на државата, здравствените власти ќе водат грижа за нивното здравје?